25/11/2024
Македонија

Премиерот Заев се сретна со градоначалникот на Љубљана, Јанковиќ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, попладнево оствари средба со градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, на која беше изразена поддршка на Македонија во нејзините аспирации за евроатлантска интеграција, како најдобра гаранција за мирот и економскиот просперитет на земјата и регионот.

На пријателската средба, градоначалникот на словенечката метропола на премиерот Заев му честиташе за договорот со Грција за решавање на долгогодишниот спор и стратешко партнерство, посакувајќи му успешен Референдум во интерес на граѓаните на Македонија и нивниот просперитет, истакнувајќи ги како придобивки од членството во Европската Унија и НАТО.

Градоначалникот Јанковиќ, на кого ова му е трет мандат како градоначалник ја изрази својата подготвеност и поддршка за споделување на позитивните искуства во иницијативите и проектите за развој на инфраструктурата, како и унапредување на соработката во областа на трговската размена, туризмот и претставување на културните вредности.

Премиерот Заев, го истакна задоволството од долгогодишното пријателство кое Македонија и Словенија ги поврзува, повторувајќи дека концептот на едно општество за сите и регионална соработка со сите соседни земји е единствена алтернатива за нашата татковина и претставува гаранција за успешни економски реформи и развој во интерес на сите граѓани.