Премиерот Заев се сретна со претседателот на Словенија, Борут Пахор и со претседателот на словенечкиот Државен Збор, Милан Брглез
Премиерот Зоран Заев, денеска се сретна со Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, во рамките на официјалната посета на владината делегација на Република Македонија на оваа земја.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, му честитатеш на претседателот Пахор на победата на тукушто завршените избори и на неговиот нов мандат како Претседател на Република Словенија, и му пренесе честитки и во името на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Премиерот Заев, во придружба на членовите на владината делегација во чиј состав беа и заменикот претседател на владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски, истакна дека е уверен дека и во новиот мандат претседателот Пахор ќе ја продолжи својата искрена определба постојано да ја поддржува Република Македонија на меѓународен план, како што тоа беше и досега.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, го информираше претседателот Пахор за прашањата за кои тој покажа особен интерес како што се реформските процеси и соработката на владината коалиција во Република Македонија со опозицјата, за добрососедските односи, како и за прашањето на евро-атлантските процеси на нашата земја.
Премиерот Заев истакна дека владината коалиција во Република Македонија после локалните избори, чии резултати ја потврдија поддршката за актуелните политики, сега има обврска колку што е можно побргу и посолидно да ги продолжи започнатите реформски процеси.
„Настојуваме пред нашиот парламент да настапиме со издржани и важни реформски закони во многу области за кои очекуваме и ќе стимулираме широка поддршка од политичките сили внатре во парламентот. Наша определба е и да ја зајакнеме улогата на парламентот после политичката криза и да ја вратиме довербата во институциите“ – нагласи премиерот Заев.
Во однос на евро-атлантските аспирации и процесот на нашата земја во таа насока, премиерот Заев информираше дека и за ова прашање се работи и се подготвуваат услови за политички консензус.
Претседателот Пахор истакна дека Словенија внимателно ја следи и ја одобрува добрососедската и регионалната политика на Република Македонија како еден од условите за членството во ЕУ и НАТО, и нагласи дека Република Словенија останува и понатаму силен поддржувач на Република Македонија во овие процеси.
Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор нагласи дека искрено се надева дека многу бргу Република Македонија ќе биде следната членка на НАТО и дека со ЕУ наскоро ќе биде постигнат договор за старт на пристапните преговори.
Во срдечниот разговор со Претседателот на Државниот збор на Република Словенија, д-р Милан Брглез, премиерот Заев му ги пренесе топлите поздрави од Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, како и подготвеноста на македонскиот парламент да ја продолжи соработката со Државниот збор на Словенија.
Премиерот Заев го информираше Претседателот на Државниот Збор на Република Словенија за најважните актуелни процеси во Република Македонија и нагласи дека охрабрувањата што нашата земја ги доби за време на оваа посета, се знак дека е избран вистинскиот пат и начин за решавање на суштинските прашања од интерес на граѓаните на Република Македонија.
Претседателот на Државниот збор на Република Словенија, д-р Милан Брглез, истакна дека неговата земја е секогаш подготвена на соработка и на проширување на односите и ја понуди целосната помош и поддршка во евро-атлантските аспирации на нашата земја, особено во процесот на парламентарната соработка на земјите од југоисточна Европа.
Со двете средби, со Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор и со Претседателот на словенечкиот Државен збор, Милан Брглез, заврши дводневната официјална посета на владината делегација на Република Македонија предводена од премиерот Заев.
https://www.youtube.com/watch?v=uACsCx0z2j4