Премиерот Заев се сретна со претставници на судската полиција
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и советничката за правда Тања Чачарова Илиевска, денеска остварија средба со претставници на судската полиција.
Судските полицајци му се заблагодарија на премиерот Заев за приемот и ги изложија предизвиците со кои се соочуваат во својата секојдневна работа.
Претставниците на судската полиција со премиерот Заев се согласија дека е потребно да се обезбеди повисок стандард и подобар социјален статус за полицијата која ги обезбедува судовите во Република Македонија.
„Владата, која јас ја предводам, има волја и прави напори да ги обезбеди и сочува работничките вредности на сите професии и дејности и нивно соодветно вреднување“, рече премиерот Заев изразувајќи уверување дека преку институциите ќе се заложи за подобар стандард и надминување на актуелните проблеми на претставниците на судската полиција.
Премиерот Заев и неговите соработници оценија дека се посветува соодветно внимание за подигнување на нивото на професионалност на сите службени лица, преку почитувањето на соодветните стандарди.