Премиерот Заев со честитка по повод Денот на Армијата
Премиерот Заев го честита Денот на Армијата: Нашите војници покажуваат еднаквост во партнерството со нашите сојузници и способност заеднички да го гарантираат регионалниот и меѓународниот мир и стабилност.
„Почитувани припадници на Армијата, почитувани граѓани,
Со особена чест и задоволство го честитам денешниот празник, упатувајќи искрена благодарност за вашата континуирана посветеност, професионалност и несебичниот ангажман за заштита на територијалниот интегритет и безбедноста на нашата држава.
На денешен ден, во 1943 година на Славеј планина е формиран првиот партизански одред баталјонот „Мирче Ацев“, кој подоцна во Народно ослободителната војна (НОВ) прерасна во војска која ја ослободи територијата на нашата држава, пожртвувано оставајќи печат вграден во темелите и независноста на татковината.
Денеска, 76 години подоцна, нашата Армија на највисоко професионално ниво, заедно со војниците на земјите-членки на НАТО, дејствуваат согласно стандардите на Алијансата, учествуваат во меѓународни мировни мисии и даваат свој придонес во зачувување на глобалниот мир и безбедност.
Почитувани граѓани,
Пораката за својата подготвеност, за што сме особено горди и благодарни, нашата Армија ја испрати и со учеството во најголемата воена вежба „Одлучен удар“, кога нашите војници со претставници на уште пет земји-членки на НАТО покажаа дека имаат капацитет за изведување комплексни теренски вежби.
Република Северна Македонија ќе биде идната, 30-та членка на НАТО алијансата, а нашите професионални војници и офицери покажаа дека се партнери со нашите сојузници, со способност заеднички да го гарантираат регионалниот и меѓународниот мир и стабилност.
Почитувани претставници на Армијата,
Благодарам од мое лично име и од име на Владата на Република Северна Македонија, за сите заложби, за сите несебични ангажмани, да помогнете, да осигурате и обезбедите, заедно со сите граѓани, перспективна иднина за сегашните и идните генерации!
Нека ни е честит Денот на Армијата на Република Северна Македонија!“