Премиерот Заев со честитка по повод Меѓународниот ден на Бошњаците
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Македонија, по повод празникот 28 септември – Меѓународен ден на Бошњаците.
Премиерот Заев во честитката истакнува:
Почитувани припадници на бошњачката заедница,
Дозволете ми од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија да Ви ги упатам моите искрени честитки по повод празникот 28 септември – Меѓународен ден на Бошњаците, да ви посакам добро и празнично расположение, со многу здравје, успех, благосостојба и просперитет.
Овој ден кој го симболизира враќањето на националното име „Бошњак“ и именувањето на вашиот мајчин јазик како босански јазик, е добра можност за да се одбележат културните специфики и вредности на бошњачката етничка заедница во Република Македонија.
Бошњаците се составен и нераздвоен дел од богатството во нашата мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава, и активно учествуваат во градењето на концептот „Едно општество за сите“.
Како определба на Владата на РМ да биде посветена на афирмација на културата, посебностите и традициите на секоја заедница во нашата земја, од оваа учебна година во образованието на учениците Бошњаци им е вратено правото на редовна настава на босански јазик.
Бидете уверени дека остануваме и понатаму посветени на заложбите за натамошната промоција на бошњачката култура и традиција и во создавањето услови за поквалитетен и попросперитетен живот на сите наши граѓани.
Сите заедно да продолжиме со спроведувањето на реформите, за развој на економијата и подобрување на стандардот на граѓаните, на промоцијата на можностите за културно и образовно напредување, како вредности патот на нашите европски и евро-атлантски интеграции, и за изградба на силна, модерна и напредна европска Република Македонија.