Премиерот Заев со Помошникот државен секретар за европски прашања на Стејт Департментот на САД Мичел
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со Помошникот државен секретар за европски прашања на Стејт Департментот на САД, Вес Мичел.
На средбата беше потврдена цврстата определба на Владата на Република Македонија да остане посветена на градењето партнерство со САД, како стратешки сојузник и голем поддржувач на Македонија од нејзиното осамостојување до денес.
По средбата, премиерот Заев и американскиот Помошник државен секретар за Европа и Евроазија Мичел одржаа заедничка прес-конференција на која што ги потврдија заложбите за понатамошно интензивирање на соработката со цел остварување напредок на Република Македонија во евро-атлантските интеграции.
„Нагласив дека Република Македонија останува и понатаму посветена на градењето партнерство со САД, врз основа на споделувањето на заедничките вредности како што се демократијата, владеењето на правото, пазарната економија и кохезијата на различностите на македонското општество, но и во однос на регионалната соработка на безбедносен и на секој друг план, изјави премиерот Заев.
Премиерот Заев додаде дека го информирал господинот Мичел за исчекорите на Македонија и земјите од Западниот Балкан, за надминување на застарените стереотипи и политики и за јасната определба за воспоставување односи на пријателство и соработка од интерес на граѓаните и во име на иднината на регионот.
Истовремено, премиерот Заев оцени дека во објавената Стратегија за проширување на ЕУ, со земјите од Западен Балкан, се истакнува дека Република Македонија направи значителен напредок на нејзиниот европски пат, додавајќи дека очекува во април, Европската комисија заедно со извештајот за РМ, да даде чиста препорака за почеток на преговорите, а Советот на ЕУ, во јуни, да донесе одлука за отпочнување на преговорите.
„Временски и стратешки, ова се совпаѓа и со нашата друга главна цел: Република Македонија како 30-та членка на НАТО“. Отворената покана за нашата земја да ја затвориме со полноправно членство во алијансата на самитот на НАТО во јули,“ потенцираше премиерот Заев.
Во разговорите со американскиот Помошник државен секретар за европски прашања, за најновите моменти на разговорите за проблемот што нашиот сосед Грција го има со нашето уставно име, премиерот Заев, го изразил своето лично уверување дека е отпочната финалната фаза која на крајот ќе донесе достоинствено решение на ова прашање.
Помошникот државен секретар за европски прашања на Стејт Департментот на САД, Вес Мичел, кому ова му е прва посета на Македонија по неговото назначување на функцијата, до премиерот Заев изрази благодарност за гостопримството и ја повтори поддршката која САД ја даваат за дијалогот меѓу Македонија и Грција во решавањето на спорот, оценувајќи дека преговорите никогаш не биле на подобро ниво.
Тој подвлече дека вратите на НАТО се отворени за Македонија и истовремено ја истакна улогата на нашата земја во придонесувањето за мисиите на НАТО во светот.
Американскиот Помошник секретар за европски прашања Мичел, додаде дека САД останува јасно посветена на поканата упатена во 2008 година за членство на Македонија во НАТО, додавајќи дека со Владата на РМ ќе работи за остварување на тие цели, како стратешки партнери кои ќе продолжат и со зајакнување на економските врски.
Интегрален текст од изјавата на премиерот Заев од прес со помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Вес Мичел
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска се сретна со Помошникот државен секретар за европски прашања на Стејт Департментот на САД, Вес Мичел. По средбата премиерот Заев и Помошникот државен секретар Мичел дадоа изјави за медиумите. Во продолжение Ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Заев:
„Почитувани претставници на медиумите,
Денеска му посакав топло добредојде на господинот Мичел, кој е за прв пат во Република Македонија во својство помошник државен секретар на американскиот Стејт Департмент.
Jа пренесов мојата лична, и благодарноста од името на Владата на Република Македонија кон Соединетите Американски Држави, кои, како наш стратешки сојузник, секогаш ја поддржуваа нашата држава од нејзиното осамостојување до денес.
Нагласив дека Република Македонија останува и понатаму посветена на градењето партнерство со САД, врз основа на споделувањето на заедничките вредности како што се демократијата, владеењето на правото, пазарната економија и кохезијата на различностите на македонското општество, но и во однос на регионалната соработка на безбедносен и на секој друг план.
Во таа смисла, го информирав господинот Мичел дека ние, земјите од Западен Балкан, направивме исчекор да надминеме застарени стереотипи и политики и да влеземе во нови односи од интерес на граѓаните и во име на иднината на регионот.
Во објавената Стратегија за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, се истакнува дека Република Македонија направи значителен напредок на својот европски пат.
Затоа ние очекуваме во април Европската комисија да даде чиста препорака за почеток на преговори заедно со нивниот извештај за Република Македонија, а Советот на ЕУ во јуни да донесе одлука за отпочнување на преговорите.
Временски и стратешки, ова се совпаѓа и со нашата друга главна цел: Република Македонија како 30-та членка на НАТО. Отворената покана за нашата земја да ја затвориме со полноправно членство во алијансата на самитот на НАТО во јули.
Во оваа насока, со помошникот државен секретар Мичел, разговаравме и за најновите моменти од разговорите со Грција за проблемот што нашиот сосед го има со нашето уставно име. Го изразив моето лично уверување дека ја отпочнавме финалната фаза која на крајот ќе донесе достоинствено решение на ова прашање.
Останува важно и понатаму да се одржува и гради довербата помеѓу двете страни. Сите наши досегашни постигнувања се – заеднички успех. На целата држава, на сите институции, сите политички партии, на сите заедници и на сите граѓани на Македонија.
Ние покажавме јасна подготвеност за вистински дијалог. Реформите мора да продолжат бидејќи нивната успешност го отвора патот до безбедна и економски просперитетна Република Македонија, како едно општество за сите нејзини граѓани. Ги потврдувам нашите ентузијазам и посветеноста на овие цели.
Благодарам.“
https://www.youtube.com/watch?v=HD5OX7da9FE