Премиерот Заев со владини претставници во посета на повредените згрижени во „8 Септември“
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот на Владата, Бујар Османи и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска ги посетија повредените пациенти од сообраќајната несреќа, која се случи на 13.2.2019 година, на автопатот Скопје-Тетово, во близина на с. Ласкарци, а кои се згрижени во Градската општа болница „8 Септември“.
„Дојдовме да изразиме поддршка на повредените во вчерашната сообраќајна несреќа и на нивните семејства. Сакам да се заблагодарам на сите државни служби, кои се ставени во функција од вчера и денеска пружаат постојана грижа за повредените, на болницата „8 Септември“, на клиничките центри и сите јавни институции во Скопје, Тетово и Гостивар и на пожарникарите и полицајците кои им помагаа на повредените“, рече премиерот Заев, кој од името на Владата се заблагодари за хуманоста и солидарноста на сите граѓани кои помогнале во првите моменти по несреќата. „Посебна благодарност до локалното население кое веднаш пристапи во моменти, кои верувам за некои пациенти биле пресудни, и спасија човечки животи“ истакна премиерот.
„Сакам да ја споделам оваа голема тага, којашто ја чувствува целата јавност во државата и нашиот фокус е кон повредените и кон поддршката на семејствата на загинатите. Владата е подготвена да помогне во сè што е потребно за повредените и семејствата на загинатите“, истакна премиерот Заев.
Министерот Филипче изрази сочувство до семејствата на загинатите и се заблагодари за помошта на локалното население и за брзата реакција на службата на Итната медицинска помош и на приватните медицински институции кои професионално и навремено реагирале во пружањето на помош на повредените.
„Осумдесет проценти од медицинскиот персонал се јави на работа за краток временски интервал, за 15 минути, кои примија голем број на пациенти, кои ги сместија на соодветните оддели за лекување во болницата „8 Септември“ и Клиничкиот центар во Скопје“, рече министерот Филипче, кој информираше подетално за состојбата на повредените хоспитализирани пациенти.
Премиерот Заев и министрите изразија задоволство што пациентите кои ги посетиле се надвор од животна опасност и им упатија желби за што поскоро оздравување на сите повредени.
Во врска деталите за несреќата, беше речено дека истрагата под раководство на надлежен јавен обвинител е во тек од вчера, по направениот увид на местото на несреќата заедно со службите на Министерството за внатрешни работи.
https://www.youtube.com/watch?v=ktqCFEyWEw4