26/11/2024
Македонија

Премиерот Заев упати честитки по повод Денот на Европа

Во честитката, премиерот Заев потсетува дека на денешен ден, на 9 мај 1950 година, после двете катастрофални светски војни што ја фрлија Европа на колена и фашизмот кој го згрози човештвото, францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, ги повика некогашните непријатели да ја почнат изградбата на нова Европа.

„Врз пепелот и чадот од војната кој сè уште се креваше над домовите на Европejците, овој голем визионер повика на обединување, на поврзување на политиките и економиите за остварување на една визија за Европа во која засекогаш ќе се оневозможат идните големи, опустошувачки војни. Седум години подоцна, шест европски земји ја основаа Европската економска заедница со Договорот од Рим и го отпочнаа процесот на европската интеграција. Лидерите на тие земји ја посејаа идејата за ЕУ и одлучија дека сите разлики ќе ги решаваат на масата, а не на воените боишта“, истакнува премиерот Заев во својата честитка по повод Денот на Европа.

Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, нагласува дека згрозени и силно поучени од ужасите на војната и фашизмот, европските лидери одлучија дека силата на оружјето и присилата ќе ги заменат со силата на солидарноста, правдата и законот, зашто ја препознаа и ја видоа иднината на континентот како место на слобода и како една од најпросперитетните економии во светот.

Поттикнати од европските вредности, и граѓаните на Република Македонија го направија нивниот избор и ја избраа иднината – иднината на Европската Унија, се вели во честитката на премиерот Заев.

„Европа денес не е само географска локација. ЕУ не се само институциите во Брисел и Стразбур. Европа и Европската Унија се концепт кој е заснован на заедничките основни верувања и убедувања за слободата, за демократијата и човековите права, за пазарна економија, како и за остварување на фер економски можности врз темелите на солидарноста. Обединети и единствени околу овие вредности можеме да се соочиме со предизвиците на нашето време“, нагласува премиерот Заев по повод Денот на Европа.

Во своите пораки по повод Денот на Европа, премиерот Заев нагласува дека со еден таков пристап, денеска, кога упатуваме честитки на нашите пријатели во Брисел и Стразбур, до нашите партнери во Европската Унија, во Европскиот Совет и во Европската Комисија, кога им упатуваме честитки на сите Европејци, упатуваме и порака дека ЕУ треба да смета на Република Македонија.

Дополнително, во писмото со честитки по повод Денот на Европа до Претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев потенцира дека Република Македонија се стреми кон постигнување на истата визија и преку спроведувањето на неопходните реформи настојува што поскоро да стане дел од европското семејство.

„Во изминатиот период, нашата земја успеа со пожртвуваност и сериозни заложби да премине од држава со долгогодишна политичка криза, во земја на можности и пример во регионот за решавање на отворените прашања. Република Македонија покажа и зрелост во преземањето на конкретни чекори во однос на подобрувањето и продлабочувањето на билатералните добрососедски односи и во активностите за враќањето на меѓусебната доверба. Донесувањето на одлуката за отворање на пристапните преговори од страна на Европскиот Совет во јуни со Македонија ќе ги охрабри и мотивира сите чинители во нашето општество да дадат уште поефективен придонес во спроведувањето на неопходните реформи за земјата и во натамошното ширење на европските вредности“, истакнува премиерот Заев во писмото со честитки по повод Денот на Европа до Претседателот на Европската Комисија Јункер.