26/11/2024
Македонија

Премиерот Заев во Њујорк се сретна со грчкиот премиер Мицотакис

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска во Њујорк, за време на Генералното собрание на ОН, оствари средба со Претседателот на Владата на Грција Кирјакос Мицотакис.

На средбата премиерот Заев истакна дека Владата на Република Северна Македонија е максимално фокусирана на конструктивен пристап во градењето меѓусебно партнерство засновано врз пријателство и заеднички интерес за просперитетен регион во интерес на граѓаните на двете земји.
 
Премиерот Заев нагласи дека Владата на Северна Македонија е подготвена за целосно спроведување на Акциониот план за интензивирање и збогатување на соработката меѓу Република Грција и Република Северна Македонија, како што е предвидено со Договорот од Преспа, за кој потенцираше дека е историски чекор и значаен договор за градење добрососедство, поблиска соработка и конструктивни и позитивни односи меѓу двете земји.
 
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Заев на средбата рече дека за почит е фактот дека Грција беше првата земја-членка на НАТО што го ратификуваше Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО во постапката за полноправно членство која ќе биде финализирана наскоро.
 
На средбата со грчкиот премиер Мицотакис, премиерот Заев информираше за напорите за зајакнување на спроведувањето на тековните реформи со цел да се отвори простор за почеток на преговорите за влез во ЕУ за што се очекува позитивна одлука во октомври годинава. 

Беше изразена поддршка од страна на грчкиот премиер за отварање на преговори со ЕУ и беше потенцирано дека доследната и навремена имплементација на Договорот од Преспа е клучна за унапредување на односите и обезбедување на европската перспектива за Северна Македонија.

На средбата беше заклучено дека унапредувањето на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и директните инвестиции се од взаемна корист за сите граѓани од двете држави.