26/11/2024
Македонија

Премиерот Заев во Стразбур

Непосредно пред своето обраќање на парламентарната сесија на Европскиот Парламент во Стразбур, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев имаше средба со Претседателот на ЕП, Антонио Тајани, кој истакна дека европските пратеници ја препознаваат Република Македонија како партнер од доверба во справувањето на предизвиците на Европската Унија.

Премиерот Заев на средбата со Тајани се заблагодари за поканата и за честа што му е укажана да им се обрати на европските пратеници и да информира пред ЕП за постигнатите реформи и одлучувачкиот договор со Република Грција, со што се откочија процесите за забрзување членството на Република Македонија вон ЕУ.

Претседателот на Владата на РМ Заев истакна дека нашата земја затвори долгогодишни прашања со соседите, а внатре во земјата го негува концептот „Едно општество за сите“, како докажана европска вредност.

На средбата двајцата соговорници разменија мислења и за претстојниот референдум во нашата земја, од кој се очекува одобрување за договорот со Грција и за чекорите што следуваат за финализирање на евро-атлантските интеграции.

Претседателот на Владата на Република Македонија, во рамките на својата посета на Стразбур, каде што на покана на Европскиот Парламент им се обрати на европратениците, се сретна и со делегација на пратеничката група на социјалдемократските партии во Парламентот.

Шефот на пратеничката група Удо Булман, и европските пратеници Кнут Флекенштајн и Тонино Пицула, му посакаа топло добредојде на премиерот Заев, и изразија силна поддршка за историските одлуки на Владата на Република Македонија за договорот со Грција, како и за успешното спроведување на реформите.

Европските пратеници, социјалдемократи, нагласија дека има неподелено признание во Европскиот Парламент за стратешки решенија за иднината на Република Македонија. Тие решенија се уште позначајни бидејќи се остварени во духот на најдобрите на европски вредности.

Премиерот Заев на средбата со европските пратеници изрази благодарност за силната поддршка на европските лидери кои со својот ангажман во одделни фази од процесот и со охрабрувањето, создадоа оптимистичка атмосфера за поттик и за успешно спроведување на чекорите што ги прави Република Македонија во нејзините аспирации за членство во ЕУ.

Претседателот на Владата на Република Македонија на средбата информираше и за тековните активности за референдумот, како најдемократски начин граѓаните да одлучат за договорот со Грција и за иднината на земјата како членка на ЕУ и НАТО.

Премиерот Заев додаде дека поканата да им се обрати на европските пратеници во Европскиот Парламент е јасна поддршка за насоката во која се  движи Република Македонија и дополнителен импулс да се зајакнат и забрзаат реформите дома до датумот за преговори идната година.


Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска, на покана на Европскиот Парламент имаше свое обраќање пред европратениците на парламентарната сесија на парламентот во Стразбур.

Обраќањето на премиерот Заев, кој пред европратениците го најави Претседателот на ЕП Антонио Тајани, ви го пренесуваме во целост:

Почитуван претседателе на Европскиот Парламент Антонио Тајани,
Почитувани членови на Европскиот Парламент,
Почитувани членови на Европската комисија,

Почестен сум и повеќе од среќен за вашата покана и сакам да ја изразам мојата благодарност за вашето срдечно добредојде. За нашиот македонски народ ова е историски момент. Ова е прв пат, еден премиер на нашата земја да одржи говор пред Европскиот Парламент, на својот, мајчин јазик.

Но сепак, имам чувство како да сум дома. Се чувствувам толку пријатно и толку ми е природно да бидам тука. Во домот на кој му припаѓаме – во домот на нашето, европско семејство.

Да, се чувствуваме поканети, се чувствуваме добредојдени. Како што секако знаете, народот во нашата земја е исправен на уште еден историски крстопат.

Во пресрет на тој нов, историски предизвик, во текот на последните неколку недели, добивме големо охрабрување од вас. Многу членови на Европскиот Парламент, лидери на земјите-членки на ЕУ, лидерите на Европскиот Совет и на Европската Комисија, ја посетија нашата земја за да ја покажат својата поддршка за претстојниот референдум на 30 септември, кога македонскиот народ ќе одлучи за Договорот со Грција од Преспа.

Граѓаните знаат каква одлука треба да донесат. Тоа не е лесна одлука. Ќе бидеме Северна Македонија, но со признаен јазик и признаена националност. Но, исто така знаеме какви се придобивките од таа одлука, и знаеме дека ова е најдобрата шанса што нашата земја ја добила досега.

И знаеме дека тоа е шанса еднаш засекогаш. И нема да ја пропуштиме. Ќе ја зграпчиме таа шанса зашто тоа е нашиот билет за Европската Унија и за НАТО.

Почитувани членови на Европскиот Парламент!

Пред само неколку дена го прославивме Денот на независноста.
На 8 септември 1991 година, огромно мнозинство од нашите граѓани гласаа за слободна, независна и суверена држава. Овој импресивен резултат беше заснован на широк консензус. Луѓето ја ставија судбината на земјата во прв план, се издигнаа над нивните политички определби. Сите етнички и општествени групи, кои што сонуваа подобар живот во своја, независна држава.
Имав 17 години во таа историска 1991. Бев уште еден од многуте млади луѓе што сонуваа за живот во слободно општество, што ја сонуваа својата иднина во отворено општество, насочено кон прогрес.

Не сакавме повеќе останеме во она што се претвораше во режим од поранешната Југославија. Не сакавме да бидеме изолирани од останатиот дел од светот.

Сакавме да создадеме демократска земја на можности, на фер општество, заедница на просперитет, каде што правилата на законот гарантираат правда и каде што ќе бидеме безбедни и сигурни.

Нашата генерација беше полна со надеж. Ние длабоко верувавме во шансата што ја имаме. Верувавме во крајот на политичките репресии, во крајот на сиромаштијата. Верувавме во подобар живот во независна, слободна Република Македонија. Ние бевме сигурни дека следната генерација ќе има многу подобра иднина отколку што некогаш сме сонувале.

Сонувавме да бидеме дел од европското семејство.

Земјите од Балканот припаѓаат на европското семејство – географски, историски, културно, вредносно, и својата иднина ја гледаат како дел од Европската Унија. Перспективата за членство во ЕУ е мобилизирачки фактор кој ги обединува сите општествени чинители и движечка сила за успешно спроведување на реформите и справување со предизвиците со кои се соочуваме на тој пат.

Нашите луѓе работеа многу напорно за да ги остварат своите сонови, за да ги постигнат своите цели.

Да, направивме напредок, но сè уште не е доволно. 27 години подоцна, некои од нашите соништа сè уште не се оствариле и не сум задоволен – затоа што знам дека можеме да направиме подобро. Ние се бориме со внатрешни политички конфликти, се бориме да не бидеме изолирани од остатокот од светот и имавме конфликти со нашите соседи.

И сè уште се соочуваме со големи предизвици за мала, млада земја.

Но, ние никогаш не ги изгубивме нашите визии и никогаш не престанавме да се бориме за нашата подобра иднина.

Нема да се откажеме сега.

Веруваме дека сме свои на своето, и силно веруваме во подобра иднина. Во иднина како земја почитувана членка на меѓународната заедница и на ова гордо европско семејство.
Приклучувањето кон ова семејство ќе значи поголема стабилност за сите нас и поголем просперитет дома.

Како Претседател на Владата на Република Македонија, ве уверувам дека правиме сé за да ги постигнеме стандардите на Европската Унија. Ги знаеме препораките, тие се нашите приоритети: Независни и демократски институции, владеење на правото и борбата против корупцијата и професионална јавна администрација како сервис за граѓаните.

Знаеме, ни претстои уште долг пат. Но, вашето топло добредојде и поттик, ни дава силна мотивација и сила да продолжиме со нашата реформска агенда.

Европската идеја е водечката сила и инспирација да ги решаваме горливите отворени прашања во регионот. Република Македонија е еклатантен пример: силната верба во нашата европска иднина беше клучниот мотив за постигнување на историскиот договор со Грција, и на тој со Бугарија.

Горди сме на двата договори. Им благодарам на моите пријатели Ципрас и Борисов.

Ние сме успешна европска приказна, како автентичен модел на функционална мулти-етничка демократија. Еден вид Европа во мало – ние секојдневно го живееме Европското мото „Обединети во различностите“, со сите предности и предизвици.

И политичката криза низ којашто поминавме беше всушност борба за вредности каква што се одвива и во европски рамки – борба за либералните вредности на владеење на правото, човековите права и слободи, демократското  владеење, отворената економија, наспроти авторитарниот национализам.

Нашите граѓани го направија изборот, се определија за европските вредности, за Европска Македонија. Ние сакаме да послужиме како пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан и даваме силна поддршка на изнаоѓање одржливи решенија, засновани на европските вредности и меѓународното право кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготват за интеграција во ЕУ.

Едно од најважните прашања што требаше да се решат беше нашиот спор за името со Грција – бидејќи тоа е услов да се започнат преговорите за пристапување во ЕУ и НАТО.

Силна мотивација и модел за трагање по решение на ова наше прашање со Грција беше токму Европската Унија, како најуспешен мировен проект во светот. Модел кој реши големи историски конфликтни ситуации и ги претвори во одржлива заедница на пријателство и доверба.

Ние ја споделуваме оваа европска вредност! Нашето политичко недоразбирање со Република Грција, со помош на нашите европски пријатели, го претвораме во заедница на добри и пријателски соседи.

И навистина сакам да му се заблагодарам на мојот пријател Алексис Ципрас, знаејќи дека и за него не е лесно. Тоа е она што треба да направат одговорните лидери – имавме деликатни, чувствителни преговори. Обајцата се откажавме од по нешто, но и обајцата добиваме толку многу во интереси на нашите народи. Во име на иднината.

Прекинавме спор, кој беше пречка и за нашите земји цели 25 години. Ја поставивме основата за нови, пријателски односи, за партнерство, кое ќе ја подобри стабилноста, безбедноста и економијата во нашиот регион. Се договоривме за спецификите на нашите идентитетски посебности отсега за вечноста.

И веруваме дека ќе го направиме вистинскиот избор. Веруваме дека имаме добар, достоинствен договор што го потврдува нашиот идентитет и ја гарантира нашата држава иднина.

Договорот од Преспа е модел за решавање на вакви прашања и за други слични ситуации во светот.

Почитувани европратеници,

Договорот од Преспа е компромис за да се поместиме од статус кво ситуацијата и да тргнеме напред, кон иднината.

Сега сме на местото од кое имаме можност да го напуштиме минатото, да го оставиме зад себе, и да зачекориме во иднината.

На граѓаните во нашите две земји е да одлучат дали ќе го премостат прагот на иднината.

За Република Македонија, тоа е можност која толку долго ја чекавме. Во 1991 година гласавме за независност. На референдум. Сега, повторно на референдум треба да го направиме следниот чекор: Да создадеме реална можност да станеме 30-та земја членка на НАТО, и да го започнеме да затвораме поглавје по поглавје до членство во Европската Унија, во европското семејство.
Референдумот на 30 септември, е многу повеќе одколку само референдум за Договорот од Преспа. Тоа е референдум за иднината. Тоа е референдум за нашата втора независност.
Референдум со историски димензии како оние од 1991 година.

Бидејќи знаеме дека нашата слобода и независност како мала земја е загарантирана само како членка на меѓународната заедница, како членка на ЕУ и НАТО. Знаеме дека не само Република Македонија, туку и сите наши соседни земји ќе имаат подобра иднина кога ќе дејствуваме како сојуз, како семејство.

Интеграцијата на балканските држави во ЕУ ќе донесе уште поголема стабилност во цела Европа.

Нема силна Европа без успешен Балкан. Успешен Балкан е Балкан интегриран во ЕУ. Оваа визија не мотивираше да го направиме историскиот чекор и со тоа да ги поттикнеме процесите на помирување, градење заедништво и сојузништво во регионот.
Консолидацијата на Европската унија може и треба да се одвива паралелно со европската консолидација на Балканот.

Придобивките се повеќекратни за самата Унија:  јакнење на стабилноста во Европа, придонес во негувањето на европските вредности, поуспешно справување со безбедносните предизвици, миграциите, борбата против тероризмот, спречување на влијанието на трети страни, зајакнување на улогата на ЕУ на меѓународната сцена.

Впрочем и справувањето со безбедносните ризици за време на миграциската криза покажа дека сме упатени едни на други и дека можеме да бидеме веродостојни партнери и сојузници.

Европската интеграција на Балканот е геостратегиска инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа базирана на заеднички вредности и стандарди.

Почитувани членови на Европскиот Парламент,

Членството во ЕУ ќе донесе многу придобивки и нови шанси за народот во Република Македонија. ЕУ и НАТО ќе ни овозможат да ја зајакнеме економијата. Уште сега можеме да го видиме тоа: Економијата е во нагорна линија, стапките на раст се зголемуваат секој месец. Странските инвестиции се наша реалност, а знаеме дека ќе ги има и сè повеќе

ЕУ и НАТО се шанса за подобар животен стандард за генерациите што доаѓаат: Членството во ЕУ и НАТО е гаранција за нашата независност, слобода и демократија. Подобро образование, подобра здравствена заштита, подобра инфраструктура. Ова се шансите што ги добиваме, тоа се одговорноста што треба да ја преземеме.

Знаеме дека од нас зависи.

Ние, исто така, знаеме со што можеме да му возвратиме на нашето европско семејство: Можеме да ја дадеме нашата лојалност, како што веќе докажавме во многу случаи.

Можеме да возвратиме со вистинска страст за европската идеја.
За нас, Европа значи многу повеќе отколку само унија, отколку само раст и економска сигурност. За нас, Европа значи да живееме во модерно, рамноправно и отворено општество, со јасни демократски стандарди, во кое владее правото, во кое живее солидарноста, во кое функционираат подобри судови и во кое правата се еднакви за сите.

Како мултиетничка земја, знаеме и ги почитуваме придобивките од заедништвото. Го негуваме концептот „Едно општество за сите“ и знаеме дека силата на општеството доаѓа од единството. И затоа во нашата земја имаме широк консензус за влез во ЕУ и во НАТО.

Во тој консензус се обединети Македонците, Албанците, Турците, Ромите Србите, Бошњаците, Власите, Египќани, Бугари и сите останати.

Кога се работи за стратешките интереси на нашата земја, посакувам, тоа да биде така и во политиката.

Во сите анкети, повеќе од три четвртини од народот во Република Македонија го поддржува членството во ЕУ и ги поддржува европските вредности.

Да, нашите луѓе сакаат да бидат дел од ова семејство. Се чувствуваме европски и припаѓаме на Европа. Во 1991 година, кога имав 17 години, ова е сè за што сум сонувал: да бидеме  дел од европското семејство. Да имаме европска иднина. Нашите млади луѓе сонуваат за ова и денес.

Сега, 27 години подоцна, како премиер, во име на граѓаните на мојата земја, зборувам во Европскиот Парламент на својот македонски јазик.

Сега ние, одлучуваме за нашата иднина и сме благодарни за овој историски момент. Горди сме што нашата сакана земја конечно има шанса да го заокружи членството во ЕУ и НАТО.

Можам да го почувствувам тоа во овој момент. Можам да почувствуваме колку сме блиску до остварувањето на сонот за европска Македонија.
Затоа верувам дека референдумот ќе биде успешен и дека нашите граѓани ќе гласаат за Европа!

Референдумот кој го организираме на 30 септември е наш влог, наш придонес за посилна Европа, за единство и поголема стабилност во регионот.

Денешниот настан и оваа покана за денешното мое обраќање ја гледаме како силна поддршка на Европскиот Парламент за нашиот европски пат, за да го фатиме вистинскиот правец.