Премиерот Заев за одлуката на Влада за Казандол: Се раскинува договорот за рудникот поради неисполнување клучна обврска
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,
Владата на Република Македонија е целосно посветена на економскиот раст, и на заштита на здравјето на граѓаните.
Здравјето на граѓаните е над било кој приватен интерес, еколошката безбедност на државата е над било кој приватен интерес.
Оваа порака денеска ја испраќаме до граѓаните на Валандово, Богданци и Дојран, но и до сите жители на Република Македонија.
Денеска донесовме одлука за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро, на локалитетот Казандол – општина Валандово, општина Богданци и општина Дојран, врз основа на член 44 став 3 од законот за концесија и јавно приватно партнерство.
Со оваа одлука, договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина бакар, злато и сребро, на локалитетот Казандол – општина Валандово, општина Богданци и општина Дојран, бр 24-64/9 од 27.02.2015 година еднострано се раскинува од страна на концедентот т.е. државата, бидејќи концесионерот не ја исполнил обврската од членот 13 став 1 од договорот за концесија односно во рок од 2 години од денот на доделувањето на концесијата за експлоатација на локалитетот Казандол – општина Валандово, општина Богданци и општина Дојран, не изградил постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50 % од експлоатираната руда.
Предвидениот рок од 3 години според член 13 став 1, е суштинска состојка на договорот бидејќи е даден како услов во јавниот повик и тендерската документација.
Со денот на влегување во сила на оваа одлука, престанува да важи одлуката за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро, на друштвото за експлоатација преработка и производство, САРДИЧ МЦ ДООЕЛ УВОЗ-ИЗВОЗ -Скопје на локалитетот Казандол на споменатите општини, и бр. 42 – 719 / 1 од 02.02.2015 година, објавена во Службен весник на Република Македонија бр. 17/15.
Секако оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија.
https://www.youtube.com/watch?v=UYVhgJBrrYg