26/11/2024
Македонија

Премиерот Заев за посетата на Папата Франциск

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев одржа прес¬-конференција за домашните и странските медиуми по повод апостолската посета на Папата Франциск на нашата земја.

Изјавата на премиерот Заев во ова соопштение ви ја пренесуваме во целост:

Нашата убава земја Република Северна Македонија денеска е уште еднаш во фокусот на светското внимание. 

Посетата на Неговата Светост, првиот човек на Католичката Црква и на Ватиканската држава Папата Франциск, како прва, историска посета на еден Папа на нашата земја, е огромно признание за местото што Република Северна Македонија го зазеде во глобалната заедница на прогресивните земји.

Посетата на Папата Франциск не е резултат на митологии. Неговата посета е израз на созреано време да се оддаде признание за историските врски од раните векови на христијанството кога Папата Адријан Втори ги благословил и осветил богослужбените книги на светите браќа Кирил и Методиј со кои подоцна е извршена христијанизацијата на словенските народи во Европа.  

Република Северна Македонија низ сите векови на создавање на нејзината државност ги пренесе библиските пораки на надеж, утеха и толеранција и во својата современост.

Ватикан, Европа, и целиот свет, ги препознаа вредностите, убавината на различните култури, етнички заедници и религии што живеат во општество еднакво за сите.

Светата литургијата со која Папата Франциск ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја, е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја кое го негуваме.

Тоа е силен поттик и поддршка за сите нас. Тоа е порака што до светот денеска беше пренесена од стотиците новинарски и телевизиски екипи што на овој историски ден беа во Северна Македонија. 

Не помалку важно е што денеска, Република Северна Македонија и нејзините граѓани, освен гордоста за искажаната чест што Папата Франциск ја посети нашата земја, покажаа и дека имаат капацитети да ги направат сите подготовки за да дочека еден од најзначајните светски лидери, духовник и инспирација на милиони верници и граѓани со добра волја.

Нашиот народ ја има волјата и ја следи мисијата на Мајка Тереза и тоа го потврдивме и на овој настан.


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска одржа прес-конференција по повод посетата на Папата Франциск.

На средбата со новинарите премиерот Заев одговараше на новинарски прашања што ви ги пренесуваме во целост:

Господине Заев, бевте во Вила Водно од каде што Претседателот Иванов испрати неколку политички пораки. Како го коментирате тоа?

Денеска, секако, не е дел за поделби. Денеска е ден за сплотување за единство, за потврдување на соживотот, но и за вербата во Бога која што, меѓу другото, повикува и на меѓусебно разбирање, почитување, помагање и поддржување. Се потсетивме и на мајка Тереза и за нејзината солидарност. Денеска треба да зборуваме само за убавите работи.

Дали Папата го потенцираше мултиетничкиот и мултирелигискиот карактер на вашата земја како модел за поддршка на вашите аспирации во Европската Унија?

Ние во нашата земја имплементираме многу вредности на ЕУ. Една од најголемите наши европски вредности e мултиетничкото општество како богатсво во кое живееме заедно. Веруваме во вредностите на различните традиции и култури. За нас тоа е најдобриот дел од ЕУ. Ние сме ЕУ во мало и тоа го потврдивме денеска уште еднаш.

Дали зборовите на Папата од денешните пораки за вашето мултикултурно општество ќе ви помогнат во вашите евро-атлантски интеграции?

Да, тие зборови се големо охрабрување за нас. Понекогаш сите ние, вклучувајќи не и нас политичарите, ги заборавиме христијанските вредности на кои треба да бидеме фокусирани во нашето секојдневие, кои не охрабруваат за решенија на проблемите. Јас верувам дека имаме капацитети да ги совладаме сите прашања што стојат пред нас што не држат долго време надвор од ЕУ. За мене лично, ова е охрабрување да го продолжам нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ. Ова лето ја чекаме позитивната одлука на Европскиот Совет и дека, конечно, после 14 години, ќе ги отвориме поглавјата од преговорите со ЕУ. Тоа водечката мотивација за целото општество за да го подобриме квалитетот на животот на граѓаните, да ги продолжиме реформите.

Која е вашата следна цел, после посетата на Папата Франциск?

Ако треба би се сретнал со Претседателот Макрон десет пати, со премиерот Руте и канцеларката Меркел. Тоа го прават моите пријатели Алексис Ципрас и Бојко Борисов зашто пред нас стои голема одлука, да ги отвориме поглавјата за преговори. Тоа е втората наша голема цел. Првата цел е веќе остварена – членството во НАТО. Процесот на ратификација на Протоколот за пристапување е веќе во тек. Дванаесет земји веќе го потпишаа, почнувајќи од Грција. Одлуката треба да ја донесат Европската Комисија, но и лидерите на земјите членки на ЕУ зашто сите 28 членки треба за ова да одлучат ова лето. Како што реков, 14 години е премногу долго време во чекалната пред вратите на ЕУ. Денешната посета на Папата го потврдува тоа, но беше потврдено и со претседателските избори. Ќе продолжиме да бидеме добар пример за европските земји. 

Овој Папа е многу вокален за корупцијата, животната средина и лажните вести. Северна Македонија ги има сите овие проблеми. Како ќе ја коментирате философијата што Папата ја шири и што ќе научите од него?

Јас верувам дека сите ние треба да учиме од мисијата што Папата ја шири по светот, а тоа е поголема верба меѓу нас, да ги искорениме сите слабости што продуцираат многу непријатни ситуации Тоа се болни прашања за граѓаните. Јас верувам дека треба да продолжиме да бидеме добри луѓе, професионално ориентирани секој во својата област. Овде на Западен Балкан треба сите да се подобриме во сите тие области и да продолжиме да работиме во таа насока. Во Република Северна Македонија имаме многу работа на сите тие полиња, на лажните вести, на граѓанскиот концепт на живеењето, на прашањата на одговорноста и транспарентноста. 

Каква порака добива светот дека Папата ги посети токму Северна Македонија и Бугарија?

За нас е огромна чест. Посетата на овие две земји е силна порака и за сите останати од регионот. Дека во овој регион се случуваат прогресивни работи, дека правиме активности што водат кон солидарност и разбирање и почитување. Но, после договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, а и договорот од Преспа со Грција, за мене пораката е дека треба да се градат мостови и пријателства. Само така можеме да имаме подобар живот.

Најавивте дека веднаш по изборите ќе се вклучите во преговорите за законот на јавното обвинителство и дека очекувате договор до 15 овој месец. Кога ќе се одржи следната средба за законот?

Утре. Министерката ме извести дека се сретнала со лидерот на преговарачката група од најголемата опозициска политичка партија. Верувам дека на таа средба ќе се потврди тоа што го испративме како пораки јас и Мицковски, што според мене претставува исчекор кон решение за една од најсуштествените разлики досега. Тоа за мене е надеж дека ако се потрудиме малку, можеме да дојдеме до договор, зашто навистина се избројани деновите до затворање на извештајот на Европската Комисија.