Премиерот Заев за предлог буџетот 2018: Обезбедуваме финансиска и економска стабилизација на земјата, ова е буџет за граѓаните!
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во придружба на Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, Министерот за финансии, Драган Тевдовски, советникот за финансии, Ванчо Узунов денеска го презентираше предлог буџетот за 2018 година кој владата го доставува до Собранието на Република Македонија на понатамошно дебатирање и усвојување. Во своето обраќање премиерот Заев истакна:
Дозволете ми во присуство заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, министерот за финансии и моите светници за економија и финансии да ве информирам дека Владата на Република Македонија синоќа го усвои Буџетот за 2018 и го доставува како предлог до Собранието на Република Македонија на понатамошно дебатирање и усвојување.
Овој предлог произлегува од сеопфатната детална анализа на Владата и на Министерството за финансии направена врз основа на реални проекции на буџетските ставки и на приходната и на расходната страна.
Наша основна цел беше да креираме буџет со развојна компонента кој ќе насочува повеќе пари кон граѓаните и стопанството за унапредување на економијата, животот и секако здравјето на граѓаните.
Преку транспарентен и отворен пристап овој предлог буџет беше отворен за коментари од пошироката јавноста, граѓанскиот сектор, стопанските комори и синдикатите пред неговото официјално пуштање во владина и собраниска процедура. Дебатата продолжува до негово финално усвојување.
За прв пат предлог Буџетот на Министерството за финансии беше објавен на јавна дебата каде присуствуваа претставници на засегнатите страни, со цел транспарентно и во консултација со јавноста да се дефинира за што се користат парите на граѓаните. Дел од тие препораки се внесени во оваа финална верзија на предлог буџетот која што ја испраќаме во Собранието на Република Македонија на усвојување.
Буџетот за 2018 година ги обезбедува основните функции на државата – непречена и навремена исплата на плати, пензии, социјални трансфери и други трансфери кон граѓаните, буџетските корисници и другите економски субјекти.
Ова е буџет за граѓаните и буџет за финансиска стабилност на нашата Македонија.
Истовремено, испланираниот буџет за 2018 година обезбедува и услови за реално раздвижување на економијата преку повисоки капитални инвестиции и сериозна државна поддршка за нови инвестиции, зголемување на конкурентноста и раст на извозот. Ќе целиме кон што поголема реализација на капиталните инвестиции како важен сегмент за планираниот раст на економијата за наредната 2018-та година.
Во 2018 година уште поизразено продолжуваме со кратењето на непродуктивните трошоци и тие пари ги насочуваме за потребите на граѓаните.
Само еден пример, кратиме 650 милиони денари непродуктивни трошоци од ставката „стоки и услуги“ и тие пари ги распределуваме за редовно подмирување на обврските кон буџетските корисници, за финансирање на здравствените програми и за потребите на граѓаните.
Предлог буџетот за 2018 година е проектиран врз основа на реални проекции и очекувања.
Целта што ја поставивме за раст на економијата од 3.2% е базирана на реални основи и е во линија на проекциите на ММФ и на другите меѓународни релевантни финансиски институции.
Овој Буџет гарантира домаќинско и ефикасно управување со граѓанските пари, педантност во работењето и финансиска стабилизација на државата. Правиме сериозен исчекор кон исполнување на зададената цел – зголемување на квалитетот на живот за сите граѓани.
Дозволете ми да го аргументирам овој наш став. Во новата 2018 година:
Инвестираме во темелите на општеството – ПОВИСОКИ плати за образование, здравство и детската заштита
Ќе има покачување на платите од 5 % за вработените во јавните здравствени установи, од септември 2018. Вкупно за здравствена заштита планирани се 28.2 милијарди денари односно 1.1 милијарда повеќе од минатата година.
Планирано е и покачување на платите во образованието и градинките за 5%.
Повисоки плати во одбраната – поблиску до НАТО стандардите
Во 2018 година платите во одбраната се зголемуваат за 10% за сите припадници на армискиот состав.
Целиме да ги исполниме НАТО стандардите, да ги отвориме перспективите на земјата за побрза интеграција во НАТО и ЕУ како важен предуслов за забрзан раст на економијата.
Интеграцијата на земјата во НАТО е еден од клучните предуслови за привлекување сериозни инвеститори на кои безбедноста им е од особена важност.
Во 2018 се грижиме еднакво за сите граѓани!
Во 2018 продолжува државната помош за исплата на минимална плата од 12.000 денари.
Во 2018 година планирани се за 6.6 милијарди денари повеќе пари за тековни расходи – социјални трансфери кон граѓаните.
Испланиравме средства за отворање на нови 100 работни места во градинките, со цел да се подобри услугата и грижата за децата.
За пензиите, има пари за законско порамнување на пензиите, како што растат платите и трошоците на живот ќе растат и пензиите.
Во буџетот за 2018 одвоени се доволно средства за социјална инклузија на граѓаните од ромската заедница.
Резервиравме 10 милиони денари со кои што за прв пат ќе се финансираат проекти кои се однесуваат на дијаспората.
Инвестираме преку овој буџет во културните вредности
Ги подигаме запоставените културно-историски обележја.
Издвоивме 10 милиони денари за реконструкција на Офицерскиот дом во Битола. Вложуваме 10 милиони денари за спомен обележје на нашиот Тоше Проески, во Крушево и многу вакви слични проекти.
Во 2018 година повеќе пари за економски раст и за нови работни места ќе биде нешто што ќе провејува и ќе биде проткаено во буџетот за 2018
За следната година планирани се за 100 милиони денари повеќе средства за нови вработувања преку активните мерки и политики за вработување. Вкупно за активни политики за вработување, следната година планирани се 988 милиони денари.
Испланирани се средства во висина од 2 милијарди денари за финансирање на Планот за економски раст, кој овозможува зголемување на конкурентноста, развој на домашните фирми, вработувања и раст на извозот. Во 2018 година испланирана е силна финансиска поддршка за компаниите и за отворање на нови работни места.
1.1 милијарди денари поддршка за домашните претпријатија, 970 милиони денари за продолжување на поддршката за странските компании.
Планирани се инвестиции во ТИРЗ зоните во висина од 431 милиони денари.
Во 2018 обезбедуваме редовни и навремени субвенции за земјоделците за да се стимулира повеќе и поквалитетно производство
Испланирани се субвенции за земјоделство и рурален развој во висина од 8.4 милијарди денари.
Во 2018 година вложуваме во рамномерен регионален развој
За 100 милиони денари определуваме повеќе пари за рамномерен регионален развој на општините.
Дополнително трансферите до единиците на локалната самоуправа планирани се на ниво од 17.9 милијарди денари односно за 893 милиони денари повеќе оваа година од претходната. Со овој предлог буџет обезбедуваме финансиско зајакнување на општините за делегираните надлежности во образованието, културата и заштитата на деца и стари лица.
Со буџетот за 2018 испланирани се дополнителни средства за изградба, реконструкција и доизградба на водоводни и канализациони мрежи во населени места кадешто недостасуваат и секаде кадешто има главни проекти.
Во 2018 година повеќе пари за капитални инвестиции
Капиталните расходи се планирани на ниво од 24.7 милијарди денари, односно за 1.3 милијарди денари повеќе од претходната година. Интензивно ќе се работи на инвестиции во патната и железничката, комуналната и енергетската инфраструктура. Планирани се нови инвестиции во здравството, образованието и детската заштита, а особено се зголемени средствата за инвестиции во гасификацијата и одбраната.
Во 2018 година вкупно предвидени се 2 милијарди и 190 милиони денари за реализација на процесот на гасификација што е за 310 милиони денари повеќе од претходната година. Тоа е важен проект и продолжуваме посветено со неговата изградба.
За патната и железничката инфраструктура предвидени се 3.5 милијарди денари за целосна реализација на автопатот Д.Капија – Смоквица, за реконструкција на железничката инфраструктура од Коридор X, интензивирање на изградбата на железничката пруга од Коридор VII, доизградба на железничата пруга Битола-Кременица, изградба на патен правец Градско – Дреново.
За комунална и енергетска инфраструктура предвидени се 5.9 милијарди денари.
За образование и спорт предвидени се 2.4 милијарди денари.
За здравство предвидени се 1.9 милијарди денари.
За правосудство предвидени се 531 милиони денари.
За јавен ред и безбедност предвидени се 917 милиони денари.
Продолжуваме со рехабилитација на патиштата во Македонија. Оваа година ќе стартуваме со рехабилитација на вкупно 750 километри патна мрежа во нашата земја. Дел се пари од буџетот, дел се пари Европската банка за обнова и развој, дел се пари од Светска банка преку редовните кредитни линии.
Почитувани,
Од макроекономски аспект сакам да се задржам на неколку важни моменти.
Растот на реалниот БДП е проектиран на 3.2 % и е во линија на вредностите предвидени од ММФ и меѓународните институции. Очекуваме понатамошно интензивирање на економската активност во нашата земја. Растот ќе се темели на солидна лична потрошувачка, зголемувањњ на инвестициската активност, и зголемување на извозот.
Успеавме да испроектираме буџетски дефицит понизок од претходната година. Буџетскиот дефицит оваа година ќе изнесува 2.7% од БДП.
Имаме пораст и на приходната и на расходната страна на буџетот.
Вкупните приходи се планирани на ниво од 193.5 милијарди денари односно за 4.7 % повисоки од претходната година. Вкупната вредност на буџетот изнесува 3 милијарди и 430 милиони евра.
Расходите се планирани на ниво од 211.7 милијарди денари, односно за 4.1% повисоки од претходната година.
Финансирање на буџетскиот дефицит е планирано од домашни и надворешни извори, приоритет се најповолните услови кои ќе овозможат најефтино и навремено сервисирање на обврските.
За оваа година не се предвидени поголеми даночни промени.
Буџетските приходи ќе ги зголемиме единствено преку зголемување на акцизата на нафта за 3 денари. Тие пари ќе завршат во капитални проекти во образованието, за детските градинки, за библиотеки, за рамномерен регионален развој и капитални инвестции во општините, во здравството и другите важни сегменти на општественото живеење. Ова го правиме со цел да не го зголемуваме дополнително јавниот долг. Со ваквиот потег ќе направиме сериозен исчекор и кон усогласување со европските стандарди и регулативи со цел намалување на загадувањето на воздухот.
Малопродажната цена на дизелот, и покрај покачувањето, останува најниска во регионот, со вредност од 0.86 евра, додека во сите други држави од опкружувањето цената е меѓу едно и едно и пол евра по литар дизел. Зголемувањето е минимално во однос на европските препораки.
Почитувани,
Владата на Република Македонија со предлог буџетот за 2018 година го прави првиот сериозен исчекор кон воспоставување на стабилност, предвидливост и услови за одржлив развој на економијата.
Предвидуваме да воспоставиме и план за среднорочно буџетско планирање кој етапно ќе се воведува како законско решение.
Целта е да гледаме подалеку од една година. Со ова јасно ќе знаеме каде се движиме на економски план. Граѓаните, инвеститорите и стопанството ќе имаат јасна слика каде се движи економијата.
Почитувани граѓани,
Паритеги насочуваме кон граѓаните и стопанствотои во 2018 година. Тоа е наш приоритет.
2018 година ќе биде клучна година за финансиска и економска стабилизација на земјата.
Предлог буџетот за 2018 година го обезбедува тоа.
Со економските и финансиски политики предвидени во буџетот за 2018 година ја стабилизираме економијата и ги отвораме економските перспективите на земјата.
Создаваме услови за нови работни места и повисоки плати, инвестираме во темелите на општеството, образованието, здравството, им помагаме на сите граѓаните на кои тоа им е потребно, земјата ја доближуваме до ЕУ и НАТО стандардите…
Со буџетот за 2018 година ги отвораме можностите за младите да ни останат дома и креираме реални шанси за унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани!