21/11/2024
Македонија

Премиерот Заев за случајот Таргет-Тврдина: Испратена е пораката дека системот функционира

„Треба да знаат граѓаните дека сме на добар пат во јакнењето на правниот систем“, оцени премиерот Зоран Заев во врска со случајот со првообвинетиот во случајот Таргет-Тврдина, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.

„Тоа што секој сегмент на нашето општетсво, а тоа е извршната власт, преку Министерството за внатрешни работи и тоа за правда, судската власт преку судовите и Обвинителството преку самите обвинители, го завршија својот дел од работата, за да нема каде да се крие, да бега, да калкулира, обвинето лице кое е пред изрекување на казна затвор, а тоа е Сашко Мијалков и се појави во Обвинителството, се предаде“, рече премиерот Заев.

„Целиот овој амбиент вчера ја испрати пораката дека системот може да биде ставен во функција, почитувајќи ги законите“, додаде премиерот Заев.

Тој рече дека само со владеење на правото може да се спроведат реформите и во другите области, со цел рамноправност со развиените земји.

„Граѓаните треба да знаат дека 11-годишниот режим има оставено траги на коруптивен и влијателен начин, а сепак има разрешници на вака крупни случаи, коишто се симбол на борбата против криминалот и корупцијата“, констатираше премиерот Заев, додавајќи дека македонското правосудство, дел од предметите донесе до завршници во прв степен, дел предметите се завршени, а некои се пред пресуда, како што е овој важен случај со прислушувањето.

„Судиите се лицето на правдата. Ваквите процеси во ниедна земја не се едноставни, не се ни кај нас. Убеден сум дека мониторингот на нашиот народ и позитивниот притисок ќе придонесе да се забрзат овие постапки. Обвинителите и судиите никому ништо не должат. Треба да ја зголемат ефикасноста, транспаретноста, делењето на правдата еднакво за сите, за да имаме реформирано правосудство како трајна придобивка“, порача премиерот Заев на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.