26/11/2024
Македонија

Преподобен Данило Столпник и Преподобен Лука Столпник

Преподобен Данило Столпник

Роден е во селото Витара кај градот Самосат во Месопотамија од христијански родители, Илија и Марта. Беше измолен од Бога од мајка му којашто беше бездетна и како син единец го посветија од малечок на служба на Бога. Во дванаесеттата година прими монашки чин, го посети Св. Симеон Столпник и го доби неговиот благослов. Желен за самотија, Данило го напушти манастирот и се повлече во еден запустен идолски храм на брегот на Црното Море. Овде претрпе безброј напади од демоните, но сите ги победи со трпението, молитвата и знакот на крстот. Потоа се качи на столбот на којшто остана с ѐ до својата смрт, поднесувајќи ги еднакво жегата и студот и нападите од луѓето и демоните. Околу неговиот столб се собраа голем број ученици и тој, со својот пример и поучувајќи, сите ги водеше кон живот во светост. Овој Свој слуга заради ползата на луѓето Бог го даруваше со голема блaгодат на чудотворство уште за време на животот. Беше голем проѕорливец на идните настани. Под неговиот столб притекнуваше народ од сите страни, во потрага по помош и совет од Божјиот светител. Кај него доаѓаа цареви, патријарси и прости луѓе. Царот Лав Велики своите гости државници од странство ги водеше под столбот на Св. Данило и им го покажуваше светителот велејќи: „Ете го чудото во моето царство!“ Преподобен Данило си го прорече денот на својата смрт, ги поучи своите ученици и се прости. Пред неговата смрт учениците видоа над столбот ангели, пророци, апостоли и маченици. Овој ангелски човек поживеа осумдесет години и се упокои во 489 година.

Преподобен Лука Столпник
 
Живееше во Цариград во времето на царот Константин Порфиророден. Како војник учествуваше во војната против Бугарите, во која виде погибел на илјадници луѓе, а самиот излезе жив и неповреден. Согледувајќи го во тоа спасение прстот Божји, ја презре суетата на светот, се повлече на еден столп кај Халкидон и таму се подвизуваше цели четириесет и пет години, чистејќи си го срцето од сите гревовни помисли и желби. Се упокои помеѓу 970 и 980 година.