15/11/2024
Македонија

Преподобен Филотеј, Преподобен Иларион Велики и Свети Иларион Мегленски

Преподобен Филотеј

Роден е во Хрисопол во Македонија. Турците го грабнаа од мајка му којашто беше вдовица и заедно со уште еден негов брат ги фрлија во затвор. Од затворот чудесно ги спаси Пресвета Богородица и ги пренесе во еден манастир во Неаполис Малоазиски. Подоцна неговата мајка ги најде своите синови како монаси, па и самата се замонаши. Филотеј премина на Света Гора, каде што се подвизуваше најпрво во манастирот Дионисијат, а потоа во пустина. Беше чудесен подвижник и победник над демонската сила. Се упокои мирно во осумдесет и четвртата година од својот живот. Нареди да не го погребуваат, но да го фрлат неговото тело на шумските ѕверови и птици. Подоцна ноќе еден рибар виде некоја голема светлина во шумата и бидејќи беше премрзнат појде за да се огрее, зашто мислеше дека е оган. Но светлината доаѓаше од чудотворните мошти на Св. Филотеј.

Преподобен Иларион Велики

Како што розите растат на трнливо стебло така и овој прекрасен светител се роди од родители незнабожци, во селото Тавата близу Газа Палестинска. Родителите го дадоа на науки во Александрија, каде што како надарено момче брзо ја прими и светската ученост и духовната мудрост. Штом Го позна Христа и се крсти, посака целосно да Му се предаде на служба на Господа. Со таа желба во срцето Иларион појде и го посети Св. Антониј во пустината и стана негов ученик. Потоа се врати во својата татковина и се подвизуваше близу Мајум, кај Газа. Демоните го плашеа со разни застрашувања, но со молитва кон Бога и со знакот на крстот постојано ги победуваше и ги изгонуваше. Околу него се собраа мноштво љубители на духовниот живот и за Палестина Св. Иларион стана она што за Египет беше Св. Антониј. Како Божествен учител, нерасслаблив подвижник, прекрасен чудотворец, Иларион беше уважуван не само од христијаните туку и од незнабожците. Но плашејќи се од човечките пофалби и говорејќи си со плач: „Тешко мене, ја примив на земјата својата плата!“, тој бегаше од место во место само за да се скрие од луѓето и да остане сам со својата душа и со Бога. Така се населуваше и извесно време живееше во Мисир, во Сицилија, во Далмација и најпосле на Кипар, каде што го заврши својот земен живот околу 372 година, кога имаше осумдесет години . Неговиот ученик Исихиј чудотворните мошти на Св. Иларион ги пренесе во Палестина и ги положи во манастирот што го основаше тој.

Свети Иларион Мегленски

Роден е од угледни и побожни родители. Неговата бездетна мајка долго Му се молеше на Бога да ? даде едно дете и по нејзините молитви ? се јави Пресвета Богородица и ја утеши со зборовите: „Не тагувај, ќе родиш син и тој многумина ќе обрати кон светлоста на вистината.“ Кога Иларион имаше три години, од неговите усни непрестајно се слушаше песната: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот!“ Добро школуван, тој се замонаши во својата осумнаесетта година и основа манастир со типикот на Св. Пахомиј. Трновскиот архиепископ Евстатиј во 1134 година го ракоположи за епископ Мегленски. Св. Иларион речиси сиот живот водеше голема борба против богомилите и против ерменските еретици. Но со својата духовна ученост и со својата светост неспоредливо ги посрами сите и мнозина од нив ги приведе кон Православието. Се упокои мирно во Господ во 1164 година.