23/11/2024
Македонија

Преподобен Јован Рилски

Овој голем подвижник и светилник на Православната Црква се роди близу Софија во местото Скрина, во времето на царот Борис. Се роди од бедни и благочестиви родители. По смртта на родителите се замонаши и се оддалечи во една дива гора и таму во една пештера почна да се подвизува. Овде претрпе многу напади од демоните и од луѓето, од разбојници и од своите роднини. Потоа се пресели на Рилската Планина и се насели во едно шуливо дрво. Се хранеше само со трева и со грав, којшто по Божја Промисла почна да расте во близината. Долги години тој не виде човечко лице, додека, повторно по Божја Промисла, не го открија овчари коишто трагаа по своите изгубени овци. Така светителот се прочу меѓу луѓето и тие почнаа да му доаѓаат барајќи помош во болестите и во маките. Го посетуваше и самиот цар бугарски Петар и бараше совети од него. Мнозина ревнители во духовниот живот се населија близу Јован и таму наскоро кренаа храм и манастир. Свети Јован се упокои во Господ мирно на 18 август 946 година, во седумдесеттата година од неговиот живот. По смртта им се јави на своите ученици. Неговите мошти се пренесени најнапред во Софија, па во Унгарија, па во Трново и најпосле во Рилскиот манастир, каде што и денес почиваат. Рилскиот манастир со векови беше светилник и место на чудотворна сила и духовна утеха за христијанскиот народ во Бугарија, особено во тешките времиња на турското ропство.