Преподобен Павле Тивејски и Светиот маченик Пансофиј
Преподобен Павле Тивејски
Роден од богати родители во Долна Тива (Теба) Мисирска во времето на царот Декиј. Сиот имот на родителите Павле го наследи заедно со неговата сестра. Неговиот зет идолопоклоник посака да го приграби и Павловиот дел од имотот и му се закани на Павле дека ќе го даде на суд како христијанин ако не му го отстапи својот имот. Од една страна оваа неволја, од друга самопожртвуваниот пример на христијанските маченици што ги виде со своите очи, го поттикнаа Павле да го отстапи својот дел од имотот и како ништ да се оддалечи во пустината. Таму се подвизуваше до смртта. До каква духовна височина достигна овој возвишен монах сведочи самиот Свети Антониј Велики, којшто еднаш го посети Павла и ги виде како му служат ѕверовите и птиците небесни. Кога се врати од таа посета Антониј им рече на своите монаси: „Тешко мене, деца мои, кој сум грешен и лажен монах, монах само по име. Го видов Илија, го видов Јован во пустината и навистина го видов Павле – во Рајот!“ Св. Павле живееше сто и тринаесет години и мирно се упокои во Господ во 342 година.
Светиот маченик Пансофиј
Син на александриски проконзул. Ги напушти чинот и богатството и како млад се замонаши. Се подвизуваше тврдо дваесет и седум години и го воздигаше својот дух кон вишниот свет. Во времето на Декиј беше довлечкан на суд и биен за името Христово, с ѐ дури во големи маки не ја предаде својата душа на Бога.