Преполовение: Премудроста Божја, Преподобен Јован Исповедник и Светиот апостол Симеон
Преполовение: Премудроста Божја
Еден од Господовите празници е празникот Преполовение на Педесетница, кој се празнува во Црквата на средината од периодот од празникот Воскресение Христово до празникот Педесетница, т.е. во средата пред Неделата на Самарјанката (петтата недела по Велигден). Можеби е непознат во народот, но се работи за голем Господов празник, бидејќи се однесува на Христос Владиката. Оваа поделба и поставување на празникот Преполовение во Дванаесетте празници тргнува од гледиштето дека овој празник ни ја дава можноста да го видиме Христовото дело од Неговото крштение во реката Јордан, до Неговото преображение и до Неговото страдање. Знаеме добро дека дека светите Евангелија го опишуваат тоа што го кажал Христос, што направил и што претрпе за спасението на човечкиот род. Токму овој празник ни ја дава можноста да ја видиме таа страна (што кажал и што направил), која е доволно суштинска. Со други зборови, се покриваат сите христолошки собитија, од Христовото Крштение до Неговото Преображение. Важноста на празникот Преполовение, кога се празнува Христос како Премудрост Божја, се гледа од тоа што соборните храмови што го имале името Света Софија (Премудрост), не биле посветени на некоја светителка што се викала Софија, туку на Премудроста Божја, а тоа е Христос. Нивната храмова слава била, според разни испитувања, на празникот Преполовение.
Преподобен Јован Исповедник
Игуменот на обителта на Чистите (Катари). Оваа обител беше устроена близу Никеја во времето на царот Јустин, во 6 век. Свети Јован многу пострада од царевите Лав и Теофил во одбрана на иконопочитувањето и заврши во прогонство околу 832 година.
Светиот апостол Симеон
Еден од Седумдесеттемина апостоли. Син на Клеопа, којшто му беше брат на праведниот Јосиф, целомудрениот сопруг на Пресвета Богородица. Кога ги виде чудата на Господ Исус, Симеон поверува во Него како во Господ и Спасител и беше вбројан во Седумдесеттемина апостоли. Со голема ревност и храброст го проповедаше Христовото Евангелие насекаде по Јудеја. Кога злобните Евреи го убија Јаков, братот Господов и првиот епископ на ерусалимската Црква, тогаш овој Симеон, кој му беше роднина, го поставија за епископ во Ерусалим. Како втор епископ во Светиот Град со голема мудрост и сила управуваше со Божјата Црква до длабока старост. Кога пострада имаше над сто години. Неговото страдање стана вака: во времето на царот Трајан беше покренато двојно гонење во Палестина – на потомците Давидови и на христијаните. Злобните луѓе го обвинија Симеон како оној којшто им припаѓа и на едните и на другите. Свети Симеон претрпе големи маки и најпосле го распнаа на крст, како неговиот Господ Кому верно Му послужи на земјата.