22/11/2024
Македонија

Препораки за сопствениците на миленици во услови на пандемија

Со појавата на пандемијата на вирусот COVID-19, од особено значење е да се сочува не само личната хигиена, туку и хигиената на домашните миленици и просторот во кој тие престојуваат. За таа цел, сопствениците на домашни миленици треба да се придржуваат кон неколку генерални правила, особено во овој момент.

Садовите за храна и вода на домашните миленици треба секојдневно да се мијат, креветот на миленикот треба секојдневно да се чисти со правосмукалка, бидејќи истиот е магнет за собирање влакна од милениците, но и нечистотија која тие преку своето крзно ја внесуваат во домовите. Во исто време, од особена важност е сопственикот често да го пере креветот на неговиот домашен миленик, користејќи средства кои не се штетни за животните, а, кои истовремено обезбедуваат дека креветот е убаво измиен и дезинфициран, по секој директен контакт – (хранење, играње, чешлање) со домашниот миленик, задолжително треба да се измијат рацете со млака вода и сапун, сите играчки на домашниот миленик треба редовно да ги мијат за да се направи нивна дезинфекција и да се спречи тие да привлекуваат и бидат носители на штетни бактерии и мувли, по секоја прошетка, задолжително треба да се измијат шепите на миленикот со специјален шампон за животни, а редовно потребно е да се прави и дезинфекција на неговото крзно.

За да не се нарушат секојдневните рутини на домашните миленици, препорачливо е да бидат обезбедени доволни количини храна, вода, лекови и препарати за заштита на здравјето, со цел избегнување на честа посета на ветеринар заради нивна набавка, спречување на изложување на милениците и остварување на непотребен контакт со други лица.

Доколку за времетраење на пандемијата на COVID-19, домашниот миленик има потреба од итен ветеринарно – медицински преглед и/или третман, потребно е сопственикот прво телефонски да го контактира матичниот доктор по ветеринарна медицина, да го извести за тоа и да добие понатамошни упатства за постапување.

Во услови на пандемија со овој вирус, но и фактот дека животните и луѓето понекогаш можат да шират болести познати како зоонози, се препорачува луѓето кои се заболени од  вирусот COVID-19, или сомнителните на оваа болест кои сево   изолација, да го ограничат, односно да избегнуваат близок контакт со домашниот миленик и други животни и да обезбедат друго лице кое ќе води сметка за миленикот. 
Доколку сепак тоа мора да го сторат, да одржуваат добри хигиенски практики, односно да носат маска за лице и ракавици.

Препорачливо е животните чии сопственици се болни од корона вирусот да се чуваат во затворен простор, колку што е тоа можно и да се избегнува контакт на животните со други домашни миленици.

Владата на Република Северна Македонија донесе одлука и ја измени Уредбата за ограничено движење со цел да им излезе пресрет на луѓето со домашни миленици.

Така за викенд за времетраење на полицискиот час (од 16:00 до 5:00 часот), сопствениците, ќе може да ги шетаат милениците од 20:00 до 20:30 часот, но, само до 100 метри оддалеченост од домот на сопственикот.