Прес-конференција на градоначалникот Георгиески во врска со одлуката на УНЕСКО за охридскиот регион
Градоначникот Константин Георгиески денеска одржа прес конференција во врска со вчерашната одлука на 44 сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Фуџу, Кина, со која Природното и културното наследство на Охридскиот Регион нема да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност.
– Успесите и испорачаните резултати на Општина Охрид во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО, беа едни од најважните причини поради кои Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на вчерашната седница, одлучи да ни даде уште една шанса и дополнителен рок за зачувување на Статусот на заштитено подрачје, кој веќе 40 години го поседува Охридскиот регион.
Ова особено се однесува на сериозните и континуирани активности кои Општина Охрид ги презеде во делот на отстранување на бесправните градби, уредување на крајбрежјето и доследното почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство.
За мене како градоначалник и за Општина Охрид, оваа позитивна одлука значи нова енергија и мотив да продолжиме уште посилно во спроведување на решенија и да
вложиме максимални напори, за да покажеме дека знаеме да го чуваме и да грижиме за непроценливото богатство, кое го ни е оставено како аманет.
Упатувам голема благодарност до Комитетот на УНЕСКО, за тоа што покажа желба на објективен начин да ја согледа целокупната состојба и тоа што успеа да ја препознае нашата вистинска волја, капацитет и подготвеност, да се соочиме со наследените катастрофални состојби.
Уште еднаш сакам да потенцирам дека оваа Локална власт со поддршката на Владата на Република Северна Македонија и во соработка со сите надлежни институции е цврсто одлучена да стави крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас. Сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети, согласно новите препораки на УНЕСКО, Планот за управување, законските процедури и нема да има никаква селективност во постапките.
Оваа можност сакам да ја искористам за да им порачам на сите еколошки организации, поединци и политички партии, кои беа наши дежурни критичари и секојдневно отвараа негативни теми во јавноста, во иднина да покажат поголем степен на свесност и преку конкретни предлози и проекти да дадат поддршка на целокупниот процес, на кој е посветена Општина Охрид.
Исто така, сакам да ја информирам јавноста дека Општина Охрид согласно Планот за управување со светското природно и културно наследство и законските процедури веќе спроведува анализа и подготвува соодветен план за идно уредување на крајбрежјето и плажите, за кој ќе бидат консултирани граѓаните и сите туристички чинители.
Остануваме посветени, ги обезбедуваме најдобрите услови и ги реализираме најдобрите мерки со кои ќе ги зачуваме вредностите на нашиот Охрид!, истакна градоначалникот Георгиески на прес конференцијата.