Прес-конференција на премиерот Заев и Претседателот на Косово, Тачи
Претседателот на Република Косово Хашим Тачи денеска престојуваше во работна посета на Република Македонија и во рамките на агендата на посетата имаше средба со Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.
Премиерот Заев и косовскиот претседател Тачи имаа тет-а-тет средба по што следуваше билатерална сесија на која делегациите на двете земји ја потврдија досегашната одлична соработка и разговараа за идните проекти што ќе ги зацврстат и унапредат политичките, и особено економските врски меѓу Република Македонија и Република Косово.
Претседателот на Владата на Република Македонија и Претседателот на Косово одржаа и заедничка прес конференција на која се обратија пред претставниците на медиумите кои покажаа особен интерес за оваа посета.
Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека двајцата лидери оствариле средба како лидери на две држави што немаат отворени прашања, и дека двете земји ги одржуваат и постојано ги унапредуваат позитивните и конструктивни билатерални односи, и соработката на сите нивоа остварени досега
„Разговаравме да отвориме нови можности за натамошно унапредување и продлабочување на нашите меѓусебни односи.
Такви можности се отвораат со заедничката поддршка за отворање на граничниот премин Белановце-Станчиќ, како и со неопходноста инфраструктурно поврзување какво што ќе се оствари со изградбата на делницата на автопатот Блаце-Скопје.
Убеден сум дека тоа ќе ја интензивира економската соработка и ќе го зголеми обемот на трговијата меѓу двете земји, а добар чекор ќе биде воспоставување на Мешовит комитети за соработка и за идентификување на дополнителни заеднички проекти, како и за градење заеднички стратегии за подобра интеракција помеѓу деловните заедници на двете земји“, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека енергетското поврзување и енергетска соработка е секако еден од заеднички приоритети, и нагласи дека Република Македонија ќе иницира изградба на гасовод за Косово, како остварлив проект во рамките на Берлинскиот процес.
„Важна и заедничка точка во нашето поврзување е и регионалната соработка и интеграцијата во ЕУ и НАТО. Тоа е нашата стратешка определба за која веќе имаме потврдени позитивни искуства. Тоа е резултат на нашиот пристап во овој процес. Тој е многу отворен, конструктивен и искрен. Без никакви скриени агенди“, потенцираше Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев.
Премиерот Заев истакна дека Република Македонија го поздравува дијалогот меѓу Приштина и Белград, и оцени дека напредокот во таа насока го сметаме како клучен за одржливата регионална стабилност и развој го зајакнува мирот, безбедноста и просперитетот на Косово, Србија и целиот регион.
„Многу е важно лидерите во регионот да бидат обединети во истите цели: одржлив мир, економски развој, регионална соработка и членство во ЕУ“, рече премиерот Заев.
Во таа насока, Претседателот на Република Косово, во своето обраќање рече дека неговата земја останува посветена на решавањето на отворените прашања со Србија, и дека таа посветеност е втемелена на наоѓање решение соодветно на европските вредности за излезни решенија за вакви спорови, и дека конечното решение нема да ги повреди интересите на сите останати соседи на Република Косово во однос на нивниот територијален интегритет.
Претседателот на Косово Хашим Тачи пренесе дека му посакал на премиерот Заев успешна завршница на референдумскиот процес на кој граѓаните на Република Македонија ќе ја донесат нивната одлука за договорот од Преспа и за исполнување на завршните процеси од членството на земјата во ЕУ и НАТО.