Претседателот Иванов на 21. Евроазиски економски самит
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, се обрати на свеченото отворање на 21. Евроазиски економски самит, што се одржува во Истанбул, во организација на фондацијата Мармара.
Претседателот Иванов истакна дека фактот што Евроазискиот економски самит трае веќе 21 година е знак за неговото влиание и успех. Токму затоа, идеите кои се опфаќаат на самитот се земаат предвид не само во Република Турција, туку во целиот евроазиски регион”, нагласи Иванов. „Преку интернетот и новите технологии, знаењето од целиот свет ни е на дофат. Потребно ни е образование што ќе создава луѓе за третиот милениум”, порача шефот на државата на свеченото отворање на Самитот.
Темата на годинешниот самит е „Дилемата на нашиот век: Технологија наспроти политика”. „Ќе дискутираме за сето она што ги очекува нашите држави и општества. А, тоа е влијанието на дигиталната трансформација врз политиката, државите, економијата, енергетиката. Ќе зборуваме за пресоздавањето на градовите од старомодни во паметни градови, подвлече претседателот Иванов.
На свеченото отворање на 21. Евроазиски економски самит, претседателот на Владата на Република Турција, г. Бинали Јилдирим му додели награда на претседателот Иванов за неговото 10-годишно учество на Евроазискиот економски самит.
Во рамки на учеството на Самитот, претседателот Иванов, ќе оствари средба со претставници на Стопанската комора на Република Македонија и со турски бизнисмени, каде што ќе има свое обраќање заедно со претседателот на Coјузот на стопански комори и берзи на Република Турција, г. Рифат Хисарџиклиоглу.
Утре, претседателот Иванов ќе се обрати на претседателската сесија на 21. Евроазиски економски самит.
Во рамки на работната посета на Турција, претседателот Иванов оствари средба со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I.