25/11/2024
Македонија

Претседателот Иванов на средба со Милан Кучан, поранешен претседател на Република Словенија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Милан Кучан, поранешен претседател на Република Словенија, кој престојува во посета на Република Македонија.

На средбата двајцата соговорници разменија мислења за севкупните односи меѓу Република Македонија и Република Словенија, состојбите во двете земји и актуелните случувања во регионот.

Македонскиот претседател изрази благодарност за досегашната отворена и безрезервна поддршка од Република Словенија во однос на македонските аспирации за членство во Европската унија и во НАТО, потенцирајќи дека Република Македонија во Република Словенија секогаш гледа искрен пријател и партнер. Република Словенија ја покажа својата солидарност кон Република Македонија и за време на мигрантската криза.

Во таа насока, претседателот Иванов изрази очекување дека и во периодот кој следи ќе продолжи соработката меѓу двете земји во сите сфери од заеднички интерес, на планот на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија, како и во рамки на регионалните иницијативи.

Поранешниот претседател Кучан истакна дека Европската Унија мора да има активна улога и да ја отстрани пречката што Грција ја поставува на патот на македонските евроинтеграции. 

„Со европските реформи, Република Македонија си го заврши својот дел од работата, останува на Европската Унија да го заврши својот дел од работата“, подвлече поранешниот словенечки претседател.