22/11/2024
Македонија

Претседателот Иванов на средби со турскиот премиер Јилдирим и претседателот на турското собрание Караман

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Република Турција, денеска во Анкара оствари средба со претседателот на Владата на Република Турција, г. Бинали Јилдирим и со претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, г. Исмаил Караман.

На средбите беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција, при што беше оценето дека двете земји негуваат традиционално пријателски односи, со интензивни контакти на високо и на највисоко ниво.

Претседателот Иванов со премиерот Јилдирим и со претседателот на собранието Караман разменија информации за состојбите во двете земји и за актуелните состојби во регионот.

Во контекст на евро-атланските аспирации на Република Македонија, претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната принципиелна поддршка од Република Турција за членство на Република Македонија во НАТО и изрази очекување таа да продолжи.

„Покана за членство на Македонија во НАТО ќе биде дополнителен поттик за реформските процеси во земјата и ќе создаде огромни придобивки за долгорочната стабилност и безбедност на регионот”, порача претседателот Иванов на средбите со премиерот Јилдирим и со претседателот на собранието Караман, изразувајќи благодарност за принципиелниот став на Република Турција за употребата на уставното име на Република Македонија, вклучително и во рамки на НАТО.

На средбите беа разменети мислења и за можностите за економска соработка, при што беше констатирано дека треба да се следи примерот на одличните политички односи и двете земји да се стремат кон натамошно интензивирање на трговската размена. Претседателот Иванов изрази очекување за проширување на интересот на турските компании за инвестирање во Република Македонија.

На средбите беше изразено очекување за продлабочување на соработката меѓу безбедносните служби на двете земји, и изнаоѓањето на ефективни средства и методи за превенција и борба против ширење на насилен екстремизам и тероризам.

На средбата со претседателот на турското собрание Караман, беше истакнато значењето на парламентарната соработка за севкупните билатерални односи, од аспект на нејзините ингеренции за дефинирање на законската рамка, која создава услови за унапредување на политичкиот дијалог и динамизирање на економската соработка.

PRM_Ivanov_-_Kahraman_2