23/11/2024
Македонија

Претседателот Иванов одржа предавање пред членовите на Советот за високо образование на Турција

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Република Турција, денеска во Анкара одржа предавање на тема „Предизвици на високото образование во третиот милениум” пред членовите на Советот за високо образование на Република Турција и ректорите од сите државни и приватни универзитети на Република Турција.

Претседателот Иванов во своето предавање се осврна на историските промени во процесот на образованието, притоа правејќи паралела меѓу милет системот и македонскиот модел на интеграција без асимилација, како и за важноста на почитувањето наместо толерирањето на различностите.

„Еден куриозитет со кој се гордееме – првата телевизиска програма на турски јазик се емитувала на македонската телевизија во Скопје 1967 година. Турската држава својата телевизија ја формира 1969 година. Две години во етерот одела слика и збор на турски јазик од Македонија. Првиот професионален театар на турски јазик, надвор од Турција, е во Македонија, кој набрзо ќе слави 70 години постоење. Тоа укажува дека другиот не треба да го толерирате, туку треба да го почитувате. Затоа, оваа филозофија е она што нуди решенија за состојбите и на блискиот исток и на Кавказ. Кога ќе го почитувате другиот, можете да очекувате и тој вас да ве почитува. Ако го толерирате, тој ќе знае дека не го сакате, дека само го трпите”, рече претседателот Иванов во предавањето пред турската академска заедница.

PRM_Ivanov_-_predavanje_2

Претседателот Иванов зборуваше и за тоа какво образование им е потребно и е најсоодветно за новите генерации.

„Живееме во време на голема преобразба, кога сето знаење бара поинаква интерпретација, затоа што младите ќе живеат во сосема поинаков свет во кој знаењата што сте ги стекнале вие, веќе не се од корист. Но, ако ги сфатат принципите, ги сфатат законите и сфатат едно нешто што се вели етика, никој пат ќе немаат проблем во животот. Кој ги почитува моралните закони, тој ги почитува и природните закони. Кој е во баланс со природата, секој пат е со добри луѓе”, рече претседателот Иванов, на кого му беа подарени дела од отомански автори.

Претседателот Иванов истакна дека на Македонија и на Турција им се потребни универзитети што ќе им помогнат на младите да ги достигнат своите потенцијали и да се остварат во 21 век. Според него, дигиталната трансформација на универзитетите создава услови за персонализирани студиски програми, кои преку технолошките паркови овозможуваат да се создаваат кадри за четвртата индустриска револуција.

Претседателот на Советот за високо образование на Република Турција, д-р Јекта Сарач, во своето воведно обраќање ја престави академската и политичката кариера на претседателот Иванов и информираше дека на Универзитетот во Анкара, неделава почнала со работа Катедрата за македонски јазик. Тој упати повик до академиците и ректорите да ја поддржат соработката со Република Македонија во областа на високото образование.

На предавањето присуствуваа и македонски студенти во Анкара, кои остварија средба со претседателот Иванов. Тие ги пренесоа своите искуства од образовниот систем во Турција и истакнаа дека им е голема чест и задоволство што присуствуваа на предавањето на претседателот Иванов.

Во Република Турција функционираат 185 државни и приватни универзитети, на кои студираат над 7 милиони студенти.

PRM_Ivanov_-_predavanje_3