22/11/2024
Македонија

Претседателот Иванов одржа предавање на Државниот универзитет Вејн во Детроит

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на почетокот на работната посета на САД, одржа предавање на престижниот Државен универзитет Вејн во Детроит.

Најавен како поддржувач на принципите на пазарната економија и политичкиот плурализам, македонскиот претседател говореше на тема: „Раѓањето на нов свет: Предизвици и можности за генерациите Y, Z и Алфа”.

Зборувајќи за хиперповрзаноста, за предизвиците и можностите на новите генерации низ призмата на познатите филозофи, претседателот Иванов ги објаснуваше промените во светот, предизвикани од брзиот напредок на технологијата, миграцијата, демогафијата, климатските промени.
a
„Настапува период на пост-демократија. Тоа не е недемократија, туку демократијата ќе влезе во поинаква фаза кога ќе се види дека на неа не делуваат толку тие што ги избираат политичарите, туку спин докторите. Спин доктори се креатори на политиките, програмите и активностите на политичарите”, рече претседателот Иванов.

Говорејќи за големата криза од 2008-та година и за причините поради која се случија промени, и во реалноста и во размислувањата, тој посочи дека се загубила етиката и ги охрабри младите да го искористат својот потенцијал, во ова време на хиперповрзаност во дигитално трансформиран свет. Според македонскиот претседател таквиот нов свет на sharing philosophy, block-chain технологии и старт ап бизниси, го создаваат младите дигитални генерации, преку социјалните мрежи.

„Знаењето нема смисла ако не се користи, тоа треба да има апликативна функција, да го примените тоа знаење, да ви користи во животот. Се претпоставува дека едно од тие најтајни учења е дека се што е човекова креација, се што е создадено од човек, без разлика дали е политика, спорт, војна, медицина, култура, сè подлежи на исти четири правила. Ако ги почитувате, секој пат ќе најдете решение за сè. Тие четири златни правила се состојат од четири мудрости: бидете трпелив, учете од другиот, искористете го моментот и четврто, ако сакате да успеете бидете подготвени за жртва”, изјави претседателот Иванов.

Пред студентите, македонскиот претседател истакна дека е восхитен од нивната самодоверба, храброст и подготвеност, да бидат социјално активни за бројни прашања, но истовремено им порача да го канализираат уникатниот потенцијал на нивната генерација за достигнување на трајни вредности.

Државниот универзитет Вејн, основан во 1868 година, е меѓу топ 50-те американски државни универзитети за истражувачка дејност. Во рамките на овој универзитет е Мајк Илич Бизнис Школата, која го носи името во чест американскиот бизнисмен со македонско потекло г. Мајк Илич.

За време на престојот во Детроит, на претседателот Иванов ќе му биде врачена наградата Глобален државник, највисоко признание што го доделува Обединетата Македонска Дијаспора. Посетата на македонскиот претседател на САД е по повод учеството на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, каде е предвидено да се обрати на 27 септември.

PRM_Predavanje_Detroit_3