Претседателот Иванов се сретна со Принцот на Монако, Алберт Втори
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамките на 10. меѓународен форум „Мир и спорт“ во Монако оствари средба со Неговото Височество Принцот Алберт Втори, кој е покровител на Форумот.
Претседателот Иванов упати честитки до Принцот Алберт Втори за 10. годишниот јубилеј на форумот и признание за неговиот ангажман и заложби за афирмирање на спортската култура во европски и светски рамки. Република Македонија, посочи претседателот Иванов, и во иднина ќе продолжи да ги поддржува спортските активности и настани, со цел да им овозможиме на младите правилно да се развиваат и да го подобриме квалитетот на нивниот живот. Овој меѓународен форум, оцени претседателот Иванов, дава придонес во промовирањето на вредностите на спортот како ефикасен инструмент за социјална интеграција меѓу луѓето и поврзување меѓу народите.
На средбата македонскиот претседател го истакна интересот за воспоставување на поинтензивна билатерална соработка и продлабочување на односите меѓу Република Македонија и Принципатот Монако, во сите области од заеднички интерес.
Двајцата соговорници се согласија дека во иднина активностите треба да се насочат кон изнаоѓање конкретни форми за интензивирање на економската соработка. Во таа насока, претседателот Иванов искажа особен интерес за соработка на полето на културата и туризмот. Посочувајќи дека Република Македонија има богато природно, историско, културно и духовно наследство, претседателот Иванов упати покана до Принцот Алберт Втори за посета на нашата земја.
Македонскот претседател на средбата ги реафирмираше надворешно-политичките приоритети на Република Македонија и предизвиците со кои се соочува земјата на планот на европските и евроатланските интеграции. Во тој контекст, беа разменети мислења околу можноста за воспоставување на дипломатски односи со Монако под уставното име на Република Македонија.
Претседателот Иванов и Принцот Алберт Втори разменија мислења за актуелните случувања во Европа и Светот, како и за глобалните предизвици со кои се соочуваат државите.