22/11/2024
Македонија

Претседателот Иванов со честитка до Путин по повод повторниот избор на функцијата Претседател на Руската Федерација

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Н.Е. г. Владимир Путин по повод повторниот избор на функцијата Претседател на Руската Федерација.

Почитуван господине Претседател,

По повод Вашиот реизбор на функцијата Претседател на Руската Федерација, дозволете ми од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име да Ви упатам најискрени честитки и да Ви посакам многу успех во продолжувањето на извршувањето на важните и одговорни должности на оваа позиција.

Ја користам оваа свечена пригода, уште еднаш, да го изразам задоволството од досегашниот успешен развој на билатералните односи и од соработката меѓу Република Македонија и Руската Федерација за што и Вие имате несомнена заслуга. Духовната и културната традиција меѓу нашите народи се добар потенцијал за соработка што стана реалност благодарение на долгогодишните заложби и посветеност на властите од двете земји.

Убеден сум дека односите и во иднина ќе продолжат да се развиваат во духот на воспоставеното пријателство, меѓусебното разбирање и заемното почитување. Верувам дека со заемни ангажмани и во наредниот период ќе продолжи да јакне севкупната соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација во сите сфери од заемен интерес, посебно во економскиот и енергетскиот сектор, културата и туризмот.

Повторувајќи ги моите срдечни честитки и желби за натамошна успешна работа и лична среќа, Ве молам, господине Претседателе, примете ги изразите на моето највисоко почитување.