26/11/2024
Македонија

Претседателот Иванов со честитка за Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.

„Почитувани сограѓани,

Дозволете ми да Ви го честитам државниот празник, 24 Мај – Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.

Одбележувајќи го овој голем ден, ние се поклонуваме пред ликот и делото на светите браќа Константин-Кирил и Методиј. Создавајќи ја и проширувајќи ја глаголицата од Македонија, Кирил и Методиј старословенскиот јазик го трансформираа во првиот пишан јазик на словенските земји на кој е преведено Светото писмо и на кој христијанството се прошири меѓу Словените. Со тоа, тие всушност создадоа единствен комуникациски код што им овозможи на словенските народи рамноправно да се интегрираат во заедничкиот европски духовен, културен и политички простор. Нивните ученици станаа учители на целото словенство и нераздвоен дел од Европа. Она што старословенскиот беше за словенството, тоа е современиот македонски јазик за нашето мултиетничко македонско општество – заеднички јазик кој овозможува рамноправна интеграција без асимилација на сите нејзини членови.

Делото на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј, треба да биде наша водилка во градењето на општество достојно на вредностите кои тие ни ги оставија. Да бидеме горди на нивното наследство, да си го чуваме и почитуваме сопствениот јазик и сопствената култура.

Нека е вечно нивното име и нека ни е за многу години големиот празник Свети Кирил и Методиј!“– стои во честитката.