Претседателот Иванов со сочувство до Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати писмо со сочувство до Претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин, по повод пожарот во сибирскиот град Кемерево.
Почитуван господине Претседателе,
Со големо жалење ја примив веста за пожарот кој изби во трговскиот центар во сибирскиот град Кемеровo и предизвика вистинска трагедија во Вашата земја. Искрено жалам за загубените животи, за човечките страдања и штетите предизвикани од оваа ужасна трагедија.
Екселенцијо, нема соодветни зборови кои ќе ја намалат Вашата и тагата на граѓаните на Русија, но дозволете ми во овие тажни моменти за Вас, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам изрази на најискрено и длабоко сочувство.
Ве молам, Ваша Екселенцијо, изразите на најискрено сочувство да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите и до целиот пријателски народ на Руската Федерација, а на повредените да им пренесете желби за брзо закрепнување.