26/11/2024
Македонија

Претседателот Иванов упати честитка до Милош Земан по повод реизборот за Претседател на Република Чешка

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Милош Земан, по повод неговиот повторен избор на функцијата Претседател на Република Чешка.

Почитуван господине Претседател,

Ми причинува големо задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот повторен избор на функцијата Претседател на Република Чешка. Ви посакувам многу успех во продолжувањето на извршувањето на важните и одговорни должности на оваа позиција.

Сигурен сум дека за време на Вашиот втор претседателски мандат, пријателските односи и соработка меѓу Македонија и Чешка ќе продолжат успешно да се развиваат во духот на заедничките заложби за стабилна, обединета и просперитетна Европа.

Почитуван господине Претседател, длабоко ги ценам многубројните средби и разговори со Вас за сите прашања од заемен интерес. Би сакал во оваа пригода да ја искажам мојата, и подготвеноста на Република Македонија, за продолжување на нашиот конструктивен дијалог со цел натамошно зајакнување на билатералната соработка во областите на безбедноста и економијата. Република Македонија е цврсто решена да продолжи на патот кон целосна интеграција во Европската Унија и НАТО, и на тој план очекуваме пријателска Чешка да помогне во соодветното вреднување на нашиот напредок и придонес кон заедничките вредности, за што сакам да Ви ја искажам нашата голема благодарност.

Повторувајќи ги моите желби за Ваша натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам, Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.