22/11/2024
Охрид

Претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид се сретна со францускиот амбасадор Тимоние

Во текот на денешната посета на неговата екселенција, амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, беше остварена средба и со Сашо Донев, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид и Митре Милошевски, кандидат за градоначалник од нашите редови на неодамнешните избори за градоначалник на општина Охрид.

„Во пријателска и конструктивна атмосфера беше разговарано на повеќе теми од кои би издвоиле две, на кои се осврнавме со посебно внимание.

Прво, поразговаравме за текот на неодамнешните избори за градоначалник на општина Охрид, на кои победи кандидатот на нашите политички опоненти. Се осврнавме на одредени појави кои се’ уште претставуваат предизвик за нашите изборни процеси и можностите за елиминирање на појави кои го компромитираат овој највисок демократски чин.

Друга значајна тема на која подолго се задржавме, се секако, настаните поврзани со можноста да добиеме статус на загрозено природно и културно светско наследство наредниве денови во Баку. Констатиравме дека препораките кои ги добивме пред повеќе од една година треба најсериозно да се сфатат и најдоследно да се импламентираат. Предочивме на нашата загриженост заради многубројните активности и состојби кои сериозно го загрозуваат како езерото и природата, така и автентичноста на Охрид и неговото културно наследство. Импресионирани сме од степенот на информираност на амбасадорот Тимоние за состојбите во нашиот и светски бисер Охрид. Изразивме благодарност за заинтересираноста и желбата да добиеме помош во справување со овој, во моментот најголем предизвик за градот.“- стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ од Охрид и во иднина ќе ја користи секоја можност за конструктивни средби со претставници на дипломатскиот кор и други истакнати членови на меѓународната заедница на кои ќе ги афирмира своите заложби за развиен, просперитетен и космополитски Охрид со зачувано природно и културно наследство.