Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор во посета на Охрид
Како дел од официјалната посета на Република Северна Македонија денеска во Охрид престојуваше претседателот на Република Словенија, Борут Пахор. Придружуван од градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, словенечкиот претседател ги посети црквата „Света Богородица Перивлепта” и катедралната црква „Света Софија”, а беше во разглед и на вредната поставка на Галеријата на икони.
Покрај обиколката на стариот дел на градот, високите дипломатски гости ја проследија показната вежба на припадниците на специјалните сили на Армијата на Република Северна Македонија, која се одржа во Кампот за обука на вода. Преку оваа показна вежба се демонстрираше високата подготвеноста на воените сили за спроведување на сложени безбедносни предизвици и воени операции на вода.