Претставена книгата „Да не бидам покусо“ од Ѕвездан Георгиевски
Во рамките на манифестацијата Летни уметнички ноќи на улица Самоилова, којашто ја организира „Култура 365“, вечерва во Охрид пред љубителите на пишаниот збор беше претставено најновото прозно дело од Ѕвездан Георгиевски со наслов „Да не бидам покусо“.
Ѕвездан Георгиевски (1961) е реномиран македонски новинар, колумнист и уредник во повеќе редакции. Основач е на првото приватно радио во Македонија, „Канал 4“, превел десетина книги, уредил неколку зборници, литературни и публицистички дела. Во моментов работи како извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“. Автор е на романот „Една недела во животот и смртта на Гроздан“ и публицистичкиот труд „Урбани топоними“.
Книгата „Да не бидам покусо“ претставува збирка од куси раскази и кратки форми, т.н. „едноминутни новели“ создадени под влијание на родоначалникот на овој жанр – Иштван Еркењ, но и на други автори на куси раскази како Хармс и О’Хара. Тематски се движат меѓу надреалното и апсурдот, често навлегувајќи во магичниот реализам.
За ова прозно остварување на Георгиевски зборуваше Славе Ѓорѓо Димоски.