23/11/2024
Охрид

Претставени иновативни решенија за дигитализација на туристичкиот сектор

Пред присутни од приватниот, јавниот сектор, академската заедница и претставници на меѓународни организации се одржа настанот „Дигитални решенија за туризам“, организиран од Програмата за зголемување на пазарната вработливост ИМЕ на Швајцарската агенција за развој и соработка, во партнерство со Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“- Охрид и Факултетот за туризам и угостителство Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски– Битола.

Се презентираа дигитални решенија развиени од стартап, микро и мали ИКТ компании, кои се наменети за дигитализација на работењето на компаниите од секторот туризам. Решенијата вклучуваа дигитални производи и услуги во сегментот на е-резервации, е-плаќања, е-продавници, дигитално мени, дигитална рецепција, веб страници, дигитален маркетинг и промоција, управување со човечки ресурси, финансии и слично.

Настанот се отвори со панел дискусијата на тема „Дигитализација – предуслов за развој на секторот туризам“. проф. доцент д-р. Александар Карадимче, декан на Факултетот за информатички и комуникациски науки при УИНТ „Св. Апостол Павле“- Охрид изјави дека овој настан пред сѐ има за цел да ги слушне потребите на туристичкиот сектор и да понуди комплетни ИКТ решенија за нивна поддршка. “Преку правилна употреба на дигиталните алатки во туризмот, давателите на туристички услуги ќе можат многу полесно и побрзо да ги разберат барањата на гостите. Во таа насока, УИНТ „Св. Апостол Павле“ – Охрид нуди акцелераторска програма, која има за цел комплетна поддршка на бизнис решенијата за одржлив туризам.” истакна доцент д-р. Карадимче.

За активностите на факултетот на тема дигитализација во насока на соработка со приватниот сектор, говореше проф. д-р. Цветко Андреески, декан на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола. „Денешните дигитални компании ги користат можностите на бизнис интелигенцијата како основа за успешно работење во виртуелниот, но и во реалниот свет. Деловната интелигенција (БИ) се однесува на процедуралната и техничката инфраструктура која ги собира, складира и анализира податоците произведени од активностите на компанијата. Овие алатки се користат и кај компаниите кои работат во дејноста туризам.“

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот го следи трендот на „дигитална трансформација во патувањето“ и е во подготовка на систем за е-посетители (evisitors) на кој се работи заедно со Министерство за економија, концепт кој ќе биде отсликан кај нас по примерот на хрватскиот интегрален модел за регистрација на туристи.Во тек е продукција, дизајн и изработка на електронско издание на туристичка брошура во форма на фото брошура за националните паркови, заштитените подрачја и активните форми на туризам, како и продукција на видео материјал за истите. Агенцијата за туризам направи дигиталната трансформација на веб-страницата, a во следниот период се прават трансформации за користење на истата од страна на лицата со посебни потреби. Гостите можат подобро да го разберат местото што треба да го посетат и да ја стимулираат нивната инспирација за патување. – изјави д-р. Љупчо Јаневски, директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот.

Преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, Владата на Швајцарија им помага на туристичките компании да развијат нови производи, да ја диверзифицираат нивната понуда и реализираат успешна промоција за проширување на постоечките и влез на нови пазари, што пак е тесно поврзано со искористување на придобивките што ги нуди дигитализацијата. „Сите чинители во туризмот, вклучително и државните институции, стопанските комори и здруженијата, приватните бизниси и претставниците на академијата имаат заедничка одговорност за воспоставување на подобро развиен и одржлив туристички сектор. Туристичкиот сектор кој ги користи најновите дигитални технологии креира нови можности за вработувања во земјата и води кон зголемен економски развој.“ потенцираше г. Лусиен Агертер, заменик амбасадор на Швајцарија во Република Северна Македонија.

На крајот следуваше интерактивна сесија и дискусија со присутните гости од секторот туризам насловена „Предизвици на патот на дигитализација за секторот туризам“, како и простор за вмрежување и Б2Б средби.


WebOhrid / 07.06.2022