Претставници на општина Охрид на средба со жителите од Подмоље и Трпејца
Синоќа, претставници на општинските служби и директорите на дел од јавните претпријатија остварија средба со жителите од Подмоље и Трпејца. Вообичаено на средбата се разговараше за приоритетните проблеми што ги имаат жителите од овие две населени места.
Жителите на Подмоље како најприоритетен проблем го одвоија проблемот со водоснабдувањето во летниот период, по што од директорот на Водовод – Охрид добија уверување дека веќе е пристапено кон решавање на овој проблем и дека до почетокот на летото овој проблем ќе биде надминат. Понатака жителите побараа асфалтирање на неколку улици и дополнување на мрежата за улично осветлување.
Слични проблеми беа посочени и од жителите на Трпејца. Директорот на Водовод – Охрид и претставникот од Секторот за комунален развој, ги информираа жителите дека во моментов се бара решение за да се најде изготвувач на проект врз кој понатака ќе се носат одлуките за решавање на проблемот со водоснабдувањето во Трпејца. Исто така жителите беа информирани дека за оваа година дел од посочените улички ќе бидат асфалтирани, а останатите ќе влезат во програмата за наредната година.