Превенцијата- многу важен дел од полициското работење
„За Министерството за внатрешни работи превентивното работење благодарение и на сесрдната помош и соработка на нашите партнери од ОБСЕ, стана еден од основите на полициското делување, а во насока на наше целосно трансформирање во квалитетен сервис на граѓаните. Притоа посебен акцент е ставен на позицијата на полицијата во локалните средини, односно соработката со локалните власти во разни видови превентивни активности“.
Ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно обраќање на тркалезната маса – “Мулти-институционална соработка за безбедно Скопје“, што во организација на Отсекот за развој на полицијата при Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија и во соработка со Одделението за превенција при СВР Скопје се одржа во Скопје.
Според министерот Спасовски, досегашната практика недвосмислено покажала дека меѓуинституционалната соработка, координираност и дејствување е далеку поефективно од какви било парцијални напори.
“Функционирањето на едно општество или во конкретниов случај – локална заедница, е испреплетен нормиран систем чија што ефикасност или одржливост зависат од сите фактори, односно чинители на тој систем. Денешниов настан е пример како различни чинители во општестовото – полицијата, локалната самоуправа, социјалата, образованието, верските заедници можат и мораат заеднички да придонесат за воспоставување на квалитетни безбедносни стандарди на подрачјето на нашиот главен град“, потенцираше министерот Спасовски.
Инаку на тркалезната маса, на која што покрај претставници на повеќе владини институции присуствуваа и претставници на невладиниот сектор, и градот Скопје, беше промовиран и прирачникот за „Постапување на полицијата во врска со криминалот од омраза“ кој е финален документ од долгогодишната соработка на полицијата и ОБСЕ во оваа област.
https://www.youtube.com/watch?v=nMiT2l6TrC8