23/12/2024
Охрид

Превентивни активности на СВР Охрид

Превентивни активности на СВР Охрид

Во текот на оваа недела Отсекот за превенција при СВР Охрид реализираше повеќе едукативни работилници во неколку основни училишта на подрачјето на општините Охрид, Струга и Дебрца. Тема на едукативните предавања одржани пред учениците беа „Булингот и сајбер булингот“, како облик на насилства и агресивно однесување помеѓу младите, како и темата – „Кажи не на дрогата, да на животот“. Притоа, полициските службеници низ интерактивна комуникација со учениците, дискутираа за овие, но и за други форми на асоцијални и девијантни појави кои, сериозно ја загрозуваат безбедноста на учениците. Посебен акцент беше ставен на начините за препознавање, пријавување на асоцијалните појави, како и на законските овластувања на полициските службеници и казнените одредби за сторителите.

Во истиот период, полициските службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид во соработка со Црвениот крст- Охрид и со други надлежни инстанци, во средношколскиот центар „Ванчо Питошески“ во Охрид, учествуваа во реализацијата на симулациската вежба на појавен пожар по случен земјотрес како и превенции од поставени експлозивни материи.

Покрај ова, Отсекот за превенција при СВР Охрид отпочна со превентивните средби со граѓаните, пред се со младите, со цел, укажување на штетните последици од употреба на пиротехнички средства, како и на законските импликации од набавување, продажба и од активирање на петарди и други пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови пред објекти, во влезови на станбени згради, училишта и слично со акцент на прекршочните и кривичните санкции од нелегалната продажба и употреба на пиротехнички средства. Целта на оваа активност беше подигнување на свеста кај младите во пресрет на празниците, да не купуваат и активираат разновидни нелегални пиротехнички средства.


WebOhrid / 06.12.2024 / СВР Охрид