Презентација на кураторски проект од Лондон во МСУ
Практиката на кураторски колектив What, How & for Whom/WHW – кој се занимава со континуираната реконфигурација на односите на уметничката и културна продукција со поимите на историјата и политиката ќе биде претставена од Сабина Саболовиќ која и самата дел од колективот 07.03.2018 (среда) во Музејот на современа уметност во Скопје, со почеток во 20.00 часот.
Во фокусот на презентацијата е нивниот најнов проект насловен “Моето слатко мало јагне (сè што гледаме може да биде и поинаку)”, ко-куриран со Катрин Ромберг . Насловен по делото на хрватскиот уметник Младен Стилиновиќ , проектот е инспириран од неговиот постојан анти-систематски уметнички пристап во потрага по автономни начини на уметничкото создавање. По шесте изложбени прикажувања, одржани во периодот од ноември 2016 година до мај 2017 година во независни уметнички простори, уметнички студија и приватни простори во Загреб, проектот имаше епилог во престижниот The Showroom, во Лондон кон крајот на 2017 година во ко-кураторство со Емили Петик .
Базиран врз Колекцијата “Kontakt Art” од Виена, која вклучува антологиски дела на уметници од Централна, Источна и Југоисточна Европа од 1960 година до денес, проектот ги спротивставува канонските дела од колекцијата со намера да адресира и одново да формулира некои од постојано актуелните теми присутни низ делата во колекцијата, како што се радикалниот утопизам, фигурата на уметник дисидент, прашањата за родот, политичките субјективитети и ангажираното делување, и статусот на јавниот простор.