Презентација на проект развој и реинженеринг на деловните процеси за новиот интегриран даночен систем
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, заедно со тимот кој работи на проектот „Развој и реинженеринг на деловни процеси за новиот интегриран даночен ИТ систем“, денеска пред претставници на повеќе државни и јавни институции, како и правосудни органи, ги образложија целите на проектот, очекувањата и резултатите коишто ќе се постигнат прeку целосна имплементација на оваа значајна реформа.
“Станува збор за исклучително важен проект којшто е во насока на целосна модернизација и автоматизација на процесите во Управата за јавни приходи, како и приближување кон развиените даночни администрации. Реализацијата на овој проект ќе овозможи намалување на трошоците за наплата на даноците, како и подобри услуги кон даночните обврзници и кон трети страни. Идните деловни процеси поддржани од новиот ИТ систем, се поставени како сервис за даночните обврзници, институции и други засегнати страни. Преку минимална интеракција со обврзниците, овие деловни процеси ќе овозможат максимална наплата на даноците и намалување на сивата економија”, рече директорката на УЈП Лукаревска.
Претставниците на државните и јавни институции, како и на правосудните органи кои беа присутни на презентацијата го изразија своето задоволство од новата реформа, како и подготвеност за соработка.
Проектот „Развој и реинженеринг на деловни процеси за новиот интегриран даночен ИТ систем“, којшто е ИПА проект Управата за јавни приходи го започна на 1 Ноември 2017 година.