22/11/2024
Македонија

Презентација на работата на Националниот координативен центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал

„Сите досегашни искуства јасно сугерираат дека неопходна претпоставка за ефикасната борба против организираниот и сериозниот криминал е воспоставувањето на што потесна и координирана соработка помеѓу агенциите за спроведување на законот, како на национално, така и на меѓународно ниво, односно отстранување на сите можни слабости во остварувањето на посакуваната соработка. Токму од оваа перспектива може јасно да се согледа важноста и улогата на Националниот координативен центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал“, рече заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната промоција на работата на Националниот координативен центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал, на која беше направена своевидна евалуација на досегашното функционирање на ова меѓуинституционално тело, составено од претставници на институциите во чија што надлежност е борбата против сериозниот и организиран криминал.

Центарот е формиран во 2014 година, но сѐ до септември 2017 година не беа преземени никакви активности за негова имплементација и операционализација. Со преземањето на повеќе мерки и активности согласно изготвен Акционен план во кои беа вклучени МВР, Царинската Управа, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Управата за јавни приходи и Јавното обвинителство, обезбедени се просторни, административни, и материјално-технички услови Центарот да стане оперативен. Практично партиципираа сите посочени институции со свои претставници кои согласно овластувањата имаат достапност до сопствените бази на податоци. Спроведени се и основни обуки на упатените лица за зајакнување на нивните компетенции во делот на разузнавачката анализа.

„Центарот има улога на „мост“ за информациите и податоците што ги поседуваат и прибираат институциите да бидат на побрз начин достапни за потребите на сите други инволвирани институции. Центарот отпочна и со поддршка на меѓународната размена на информации во делот на меѓународната полициска соработка што претставува значаен сегмет во сузбивањето на организираниот и транснационален криминал“, рече Спасовски.

Центарот е поддржан од проектот „Сузбивање сериозен криминал во Западен Балкан“ кој го спроведуваат Германското друштво за интернационална соработка-ГИЗ, Министерството за внатрешни работи на Италија и Центарот за Меѓународна правна соработка.

На промоцијата на работата на центарот свое обраќање имаше и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, кој направи осврт на значењето на реформите и резултатите поврзани со борбата со организираниот и сериозниот криминал, како дел од обврските преземени од страна на Република Северна Македонија за имплементацијата на реформите во соодветните области.

„Денешната промоција на овој Националниот координативен центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал, доаѓа во исклучително важен период за земјава, кога сите напори на државата се вложуваат во испорака на што е можно поголем број, но и поквалитетни реформи, кои ќе обезбедат и т.н. ‘трак-рекорд’, т.е. јасни примери на имплементацијата на реформите, за што, значаен придонес очекувам токму од извештаите за работата на овој центар и сличните вакви тела.“, истакна Османи, посочувајќи и на средствата од програмите ИПА 2017 – проектот за спречување на сериозен криминал во Западен Балкан, како и за финансиската поддршка при мапирањето на средствата од ИПА 2020 година, преку кои се обезбедени средства за ова координативно тело, и воопшто, за борбата против организираниот и сериозен криминал.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи на денешната прес конференција ја потенцира експедитивноста во реализацијата на суштински реформи на Министерството за внатрешни работи.