Презентирана апликацијата СтопКорона!
Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за здравство, денеска ја презентираа апликацијата СтопКорона! Станува збор за мобилна апликација изработена според најдобрите светски практики во справување со коронавирусот, наменета за откривање близок контакт со потенцијално заразени лица. Апликацијата е донација од „Некстсенс“ за Министерството за здравство, која има за цел мобилизирање на заедницата во заедничкото дејствување за детекција на ширењето на КОВИД-19, како поддршка на здравствените работници во справувањето со кризата.
Како што истакна министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, при изработка на оваа апликација најважно ни беше да гарантираме безбедност и заштита на податоците, да биде едноставна за користење и апликацијата да им помогне на епидемиолозите во процесот на анкетирање на лица кои се позитивни на КОВИД-19.
„Одговорно тврдиме дека апликацијата гарантира целосна заштита на приватноста. Таа во никој случај НЕ ги следи контактите, не користи локација, ниту име и презиме на оние кои ја користат апликацијата. Функционира со анонимизирани кодови (шифри) кои се генерираат за секоја апликација со нејзиното активирање. Единствен податок што го бара апликацијата е мобилниот број на корисникот. Корисникот е потребно доброволно да го внесе својот мобилен број за да ја активира апликацијата (го потврдува својот број со внес на СМС код пратен на тој број). Овој податок се евидентира на безбеден сервер на Минстерството за здравство. Ниту еден друг корисник нема пристап до мобилните броеви, ниту пак некаде се чува податок за сопственикот на бројот.
Дополнително, функционира на доброволна база, односно единствено во случај кога корисник на апликацијата ќе добие резултати дека е позитивен на КОВИД-19, може доброволно да ги прати податоците од својата апликација до Министерството за здравство “, информираше министерот Манчевски.
За граѓаните дополнително да бидат сигурни дека можат да веруваат на апликацијата, во наредните неколку денови тим на експерти од оваа област ќе имаат пристап до сорс кодот на апликацијата, по што ќе дадат и свој став за начинот на којшто функционира СтопКорона.
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче изрази благодарност до министерот Манчевски и неговиот тим и компанијата „Некстсенс“ кои интензивно во изминатиот период работеа на изготвување на оваа апликација.
„Апликација којашто значајно ќе ја олесни работата на епидемиолозите во утврдување на примарните, односно секундарните контакти на заразените лица. Ние сме во фаза во која го очекуваме пикот на бројот на заболени, фаза во која се уште идентификуваме активно заболени лица и сите нивни примарни контакти ги ставаме во самоизолација. Тоа е еден од начините да се спречи ширењето на инфекцијата, а оваа апликација значајно ќе ја олесни работата на епидемиолозите заради тоа што на некој начин ќе ја замени работата на прашалникот по којшто работат и со оваа алатка многу лесно може да се стигне до примарните контакти“, изјави министерот Филипче.
Директорот на „Некстсенс“, Васко Кроневски информираше за процесот на изработка на оваа апликација.
„Во знак на поддршка на заедницата и на напорите што Министерството за здравство, Министерството за информатичко општество и администрација и Владата ги прават за справување со оваа вонредна состојба, со огромен ентузијазам, во исклучително краток период ја осмисливме и реализираме мобилната апликација СтопКорона, изработивме веб страна за информирање на јавноста и позадински систем за здравствените работници за спречување на ланецот на ширење преку брза идентификација на потенцијално заразени лица. СтопКорана е мобилна апликација изработена според најдобрите светски практики во справување со коронавирусот, водејќи сметка за целосна заштита на приватноста на корисниците на апликацијата“, рече Кроневски.
Апликацијата од денеска е достапна за сите граѓани на мобилни апликации за iOS и Android.
Во само еден ден, апликацијата ја инсталираа повеќе од 5.000 граѓани.