Презентирана училницата за специјалната ЕВН паралелка во средното училиште „Михајло Пупин”
Министерката Дескоска и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г. Штефан Петер, денеска во средното електро-техничко училиште „Михајло Пупин”, присуствуваа на презентацијата на новата училницата за специјалната ЕВН паралелка, реализирана во рамки на проектот „20/20/20”.
Во својата изјава, Дескоска истакна дека денешниот настан всушност претставува промоција на програмата за средното стручно образование во кое има директно поврзување на училиштата со општествено одговорните компании.
„Ова е модел којшто се надевам дека ќе го следат и други компании во Република Македонија, каде имаме директно поврзување на компаниите со училиштата, при што овие училишта и ученици добија можност практично да ја изучуваат нивната следна професија, да им се обезбеди пракса како во училиштата, така и во компанијата, а потоа што е исклучително позитивно е што на нив им е загарантирано вработување по завршувањето на училиштето“, потенцираше Дескоска.
Таа додаде дека „поврзувањето меѓу средните училишта и компаниите е особено значајно заради тоа што целта на средното стручно образование е да едуцира ученици коишто ќе бидат спремни да влезат на пазарот на трудот по нивното завршување“.
Ваквите образовни програми, според Дескоска, овозможуваат полесно идно вработување и треба да бидат мотивација за идните средношколци кои се соочуваат со дилемата какво образование тие треба да изберат.
„Мислам дека овие ученици коишто денеска ги гледате тука како вредно го изучуваат својот занает треба да бидат мотивација за идните средношколци коишто имаат дилема какво образование да изберат, да сфатат дека побарувачката на пазарот на трудот ги насочува кон средното стручно образование кое треба да им овозможи полесно идно вработување“ изјави Дескоска.
Министерката Дескоска се заблагодари на ЕВН за нивното учество во проектот и овозможувањето на стекнување на практични знаења на учениците во текот на средното стручно образование и уште еднаш ги охрабри останатите компании од земјата да го следат овој позитивен пример.
Гаранцијата за вработување, квалитетот и стекнувањето на практични вештини кои оваа програма ги нуди, веќе охрабрила голем број на ученици да се запишат на оваа програма, па така од првично предвидените 20 места, во специјалната ЕВН паралелка се запишале повеќе од 30 ученици.
Проектот „20/20/20“, функционира на принципите на таканареченото дуално средно стручно образование и овозможува директно вклучување во работниот процес и вработување на 20-те најдобри ученици кои по завршувањето на формалното образование во 2020 година, ќе бидат веднаш вработени во ЕВН и ќе заработуваат почетна плата од 20 илјади денари месечно.