22/11/2024
Охрид

Презентирани активностите на АК „Брег на младоста“ Охрид

Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“, денес ја одржа годишната средба, на која беше презентиран извештајот за сработеното во минатата година, под мотото: „Предвидовме многу, направивме уште повеќе“.

Младите акцијаши најпрво ги поздравија градоначалниците на општините Охрид и Дебрца.

„Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ има посебно значење за заедницата бидејќи ги обединува ветераните кои учествувале на работни акции и младите кои покажуваат интерес да ги продолжат тие традиции. Радува податокот дека нивниот број постојано се зголемува и тие во своите средини, особено во училиштата се промотори на здрави и проверени начини на користење на слободното време кај младите. Мојата порака до Вас младите е да ги користите советите и искуствата на ветераните кои учествувале на поранешните работни акции. Убавината на волонтеризмот, акцијаштвото и хуманоста ја почувствувавте со учеството на акциите по поплавите во Скопје и во соседна Србија. Учествувајќи во разните волонтерски акции, Ве уверувам дека се поубаво ќе Ви звучи паролата која беше испишана во речиси сите акцијашки насделби: „Забрането е внесување на тажни мисли“. – истакна в.д. градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

„Се чувствував почесен кога ми го предадовте знамето на младинската бигада од Дебрца од 1978 година која што беше на Младинската работна акција во Плачковица. Многу ми е мило што гледам многу млади, кои што продолжуваат една традиција која што ние постарите знаеме и бевме дел, некои повеќе, некои помалку на тие младински работни акции во поранешна Југословенска држава. Општина Дебрца останува посветена да ги поддржи сите ваши програмски активности и секоја активност ќе биде поддржана од Локалната самоуправа Дебрца во рамки на нашите можности.“ – истакна градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.

На настанот се обратија и претседателот на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“, Зоран Стевоски, како и потпретседателот на Здружението, Ацо Атанасов.

„Јас би сакал да кажам, бидејќи овде ја чувствуваме младоста и енергијата, децата кои ни дават поттик да истраеме, да бидеме и во текот на оваа година Организација која ќе ги направи најпозитивните активности во Охрид и Македонија.“ – рече Стевоски.

„Смисолот на враќањето на акцијаштвото на општествената сцена во Македонија е токму тоа – општо корисна работа, да им помогнеме на Државата и државните институции да остварат некои активности со кои што младите ќе ги вклучи во активното работење. Пионер на враќање, на возобновување на акцијаштвото во Македонија е токму Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“. По наш терк, по нашите закони, по нашите статути се формираа здруженија во Скопје, во Куманово… идејата се повеќе се шири, ќе бидат формирани клубови во Битола, во Штип, во Прилеп, така да, предводени од АК „Брег на младоста“ – Охрид, во републикава се формираат многу повеќе клубови“. – вели Атанасов.

На настанот младите членови од Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ ги пренесоа и нивните искуства.

„Јас волонтирам и сум акцијаш овде веќе 3 години, кога под иницијатива на нашиот клуб повторно се врати идејата за волонтеризам и акцијаштво во Охрид и се основа клуб на млади при Акцијашкиот клуб „Брег на младоста. Нашиот клуб сега брои околу 150-200 членови и се надевам дека ќе се зголеми овој број.“ – вели Теа Петковска, претседател на клубот на млади при АК „Брег на младоста“.

Како еден од повозрасните акцијаши се обрати директорот на МЈП „Проаква“ РЕ „Водовод“ Охрид, Владимир Алексијоски, додека пак од повозрасните новинари се обрати Милчо Јованоски.

Раководството, членовите и пријателите на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ на средбата се заблагодарија на поддршката од страна на Општина Охрид и ветија дека и годинава ќе реализираат повеќе од планираните активности.

WebOhrid