Презентирани превентивните мерки за заштита од Африканска чума
Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, одржаа брифинг со претставници на медиумите и прес-конференција на која информираа за мерките донесени на денешната 150-та Владина седница кои се однесуваат за превентивно делување и спречување на пренесувањето на болеста Африканска чума на територијата на Република Северна Македонија.
Вицепремиерот Анѓушев информираше дека Владата, со оглед на тоа што болеста Африканска чума, која ги напаѓа свињите, е присутна во соседните земји, со голема сериозност пристапи кон донесување на соодветни мерки, со кои би се превенирало пренесувањето на оваа болест во нашата држава.
„Сведоци сме дека оние земји кои оваа болест ја потцениле, потоа скапо ја платиле цената. Токму затоа, Владата превзема мерки, кои се порадикални, но сметаме дека токму така треба да делуваме, за да ја спречиме болеста да се појави и во Северна Македонија“, потенцираше Анѓушев.
Африканската чума се пренесува само кај свињите, нема соодветен лек или вакцина за неа, и е смртоносна за овој вид на животно. Болеста не е опасна за луѓето, сепак со оглед на тоа дека свињарството како сточарска гранка е во раст, а последиците од појавата на болеста може да бидат далекусежни, Владата одлучи да ја превенира нејзината појава,
„Инкубацијата на болеста е краткотрајна, само неколку недели, што значи дека може брзо да се прошири помеѓу свињите и истите брзо да угинат. Доколку се појави, тоа би значело голем проблем за производството и обработката на свинското месо и уништување на оваа индустрија. Ефектите во економијата би биле катастрофални, со директна штета помеѓу 50-60 милиони евра, за производство и обработка на свинско месо, а со индиректните штети, во кои се вклучени и производството на храна за животните и други негативни ефекти, финансиската штета би достигнала до 100 милиони евра на годишно ниво. Проблемот не би завршил тука, станува збор за повеќегодишен проблем, со оглед на тоа дека би требало да се истребат сите свињи, а производството би можело да биде обновено за 2-3 години“, појасни Анѓушев.
Пренесувањето на болеста се случува со директен контакт помеѓу две грла, но и преку инсекти и заразена храна за стоката. Во земјата има околу 125 илјади грла, од кои околу 100 илјади се одгледуваат во фарми со високи био сигурносни мерки, 18 илјади се во фарми со пониско ниво или без био сигурносни мерки, додека постојат и 8 илјади диви свињи, кои би можело да бидат и најризична категорија за пренос на болеста, со оглед на тоа дека се движат непречено.
„Користејќи ги добрите пракси во светот, МЗШВ на сите ловни друштва кои имаат концесии за ловишта им издаде налог во наредните 10 дена да извршат отстрел на 50% од планираниот лов на дивите свињи кои гравитираат во ловиштата на годишно ниво. За секое заловено грло, освен месото, доколку е животното здраво, ќе се исплати и награда од 1000 денари по грло на ловџијата. Доколку ловните друштва не успеат да го исполнат предвидениот процент, ќе се применат порадикални мерки. Во ловиштата за кои нема избрано концесионер, а кои се на граничните региони со Република Бугарија и Република Србија, Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија во наредните три дена ќе направат оперативен план за отстрел на диви свињи, за да се намали ризикот за пренос на болеста. За свињите кои се чуваат во приватни одгледувалишта, граѓаните во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство ќе треба интервентно да ги заколат грлата кои ги чуваат, а за секое грло ќе добијат надоместок од 3.000 денари, бидејќи на некој начин се приморани предвремено да ги заколат свињите. Вкупните трошоци предвидени за поддршка на граѓаните се превидени во висина од околу 65 милиони денари“, потенцира Анѓушев.
Агенцијата за храна и ветеринарство ќе забрани трговија со живи свињи на сточните пазари, додека Царинската управа ќе ги засили контролите на сувомеснати производи во рамките на патничкиот сообраќај.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски истакна дека активно се следи состојбата со болеста во соседството, а за таа цел беше дозволено ловната сезона да започне два месеци пред планираниот рок.
„Веќе во четврток, ќе имаме состанок со Ловната федерација, каде ќе разговараме за нивните активности и за планираните следни чекори што треба да се преземат. Да, знаеме дека е сезона на годишни одмори, знаеме кога ловџиите се навикнати да одат во лов, но имајќи ги на ум и планините и бујната вегетација, денес Владата се реши да предложи вакви мерки односно сериозноста на проблемот се гледа во тоа што веќе неколку министерства и институции се директно задолжени. Програмата што ни е дадена како обврска за следната владина седница, ќе биде изготвена. Ние се соочуваме со две страни во овој проблем. Ја одбравме превентивната, да делуваме навремено. Затоа што, во случај на појава, она што најмалку го сакаме, тогаш нема да имаме избор, бидејќи ќе бидат уништени сите свињи на фармата и оние во радиус од 3 километри. Започнувањето на повторен бизнис е многу тешко. Кога станува збор за чувствителна гранка, како свињарството, каде што се постигнати европски стандарди и веќе има интерес за извоз на свежо свинско месо, генетиката е на врвно ниво и не сакаме да дозволиме ова да се уништи. Не сакаме да си играме со вложениот капитал во модерните свињарски фарми. Кога го сумиравме сето тоа, заклучивме дека ова се превентивни чекори и се надеваме дека загубите ќе бидат многу помали ако почнеме многу помали отколку ако чекаме нешто да се случи“, нагласи министерот Димковски.