Презентирани резултатите од Проектот за подобрување на услугите за лицата со попреченост
Здружението за поддршка на деца и млади со различности – Сината птица“, денеска ги презентира резултатите од истражувањето извршено во рамките на проектот „Застапуваме,зајакнуваме, се поврзуваме“, во кој е вклучена и општина Охрид.Во публикацијата „Услуги за лицата со попреченост на локално ниво – од закон до реалност“ се мапирани услугите од областа на образованието, социјалните и здраствените услуги за лицата со попреченост. На презентацијата се обрати и градоначалникот д-р Јован Стојаноски.
„Грижата за лицата со попреченост и нивната инклузија во општеството, бара системски мерки и ангажираност на повеќе чинители, зошто на локално ниво поради нискиот степен на децентрализација на власта, активностите се лимитирани.Сепак, мора да се признае дека има неискористени можности, локалните самоуправи, во соработка со граѓанскиот сектор да реализираат проекти кои ќе придонесат за подобрување на секојдневието на лицата со попреченост и нивните семејства.
Општина Охрид, како што стои во извештајот,заклучоците и препораките од Вашето истражување, има доволна системска поддршка за успешни приказни.Свесни сме дека имаме резултати на планот на соработката со здруженијата на граѓани кои помагаат за подобрување на животот на лицата со попреченост, а особено на децата со попреченост и нивното вклучување во образованиот процес. Но, свесни сме дека има уште многу простор за интегриран пристап кон унапредување на услугите за лицата со попреченост, задачи кои мора да имаат приоритет во идните политики за развој и поголема финансиска самостојност на општините.“ – рече градоначалникот Стојаноски.
Во проектот кој се реализира со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), преку акциските грантови на Цивика мобилитас, покрај општина Охрид, се вклучени и општините Берово и Боговиње.