При контроли на угостителски објекти на подрачјето на СВР Тетово затекнати осум странски државјанки со нелегален престој
Во рамки на континуираните активности на СВР Тетово по однос на илегалниот престој и работа, извршени се нови акциски контроли во три угостителски – во с. Горно Седларце, во Тетово и во с. Равен, гостиварско, при што се затекнати осум странски државјанки (седум од Република Албанија и една од Република Србија).
Така, во контролата на угостителскиот објект во Горно Седларце тетовско, сопственост на Б.Л. (48) од Тетово, покрај две албански државјанки кои што го злоупотребиле туристичкит престој во земјава затекнати се и пет македонски државјанки и сите тие биле танчерки во угостителскиот објект. Двете албански државјанки се приведени во Полициската станица Тетово, и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок и ќе бидат депортирани во нивната матична земја.
Потоа, при контролата во угостителски објект во Тетово сопственост на Б.М.(36), затекнати се пет лица, од кои четири државјанки на Р.Албанија и една македонска државјанка. Против странските државјанки се поднесени барања за прекршочна постапка, при што од страна на Основен суд им е изречена глоба во износ од по 400 евра и мерка протерување од Република Македонија со забрана за влез од една година.
Во контролата, пак, во угостителски објект во с.Равен, гостиварско сопственост на Ј.А., затекнати се седум лица, од кои две странски државјанки (една од Албанија и една од Србија) и пет македонски државјанки. Странските државјанки се приведени во Полициска станица Гостивар, поради непријавен престој и злоупотреба на туристички престој во Република Македонија, и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок и ќе бидат депортирани во нивните матични држави.