Прирачникот за операторите со храна во градинките нова алатка за безбедна храна за децата
Агенцијата за храна ветеринарство во соработка со Организацијата на потрошувачи, во рамки на Програмата за заштита на потрошувачи за 2020 година изработи Прирачник за оператори со храна во предучилишни установи. Во прирачникот, детално се разработени принципите и нормите на добра хигиенска и производна практика кои им помагаат на операторите со храна соодветно да ги подготват објектите, персоналот и процесот на работа за подготовка на квалитетна и здравствено безбедна храна за децата од предучилишните установи.
Прирачникот претставува извор на информации и упатства кои се однесуваат на хигиената на објектот и персоналот, контролата на операциите, обуките, чистењето и одржувањето на просториите за храна, нејзиниот трансорт, како и за управувањето со записите. Прирачникот содржи и сликовити примери кои се однесуваат на безбедноста на храната.
Унапредувањето и подобрувањето на начинот на исхрана во предучилишните установи и развојот на здрави навики за исхрана кај децата се многу значајни прашања, оттаму, во вториот дел од прирачникот содржани се насоките за исхрана на децата за време на престојот во градинките. Прирачникот содржи и практични совети за планирање на организираната исхрана и планирањето на оброците за децата.
Насоките за правилна исхрана ја истакнуваат и важноста на холистичкиот приод при подготвувањето на организираната исхрана. Таа покрај тоа што има за цел да ги исполни егзистенцијалните енергетски и нутритивни потреби, поседува и воспитно – образовна цел, од аспект на креирање на хигиенски, правилни нутритивни и социјални навики за добро однесување. Организираната исхрана во градинките овозможува подобрување на социјализацијата на децата, ги унапредува меѓучовечките односи и го намалува развојот на нарушувања кои се поврзани со исхраната.
Прирачникот за оператори со храна во предучилишните установи содржи и голем број табели, во кои се објаснети дневните енергетски потреби на децата, препорачаниот дневен внес на хранливи материи, витамини и минерали според возрасни групи на децата, како и препорачаната застапеност на одредени категории храна во планирањето на дневното и неделното мени за децата во градинките.