24/11/2024
Македонија

Притворен командир на шумска полиција за земање поткуп

Секторот за внатрешни работи Битола – Одделение за криминалистичка полиција до ОЈО Битола поднесе кривична пријава против лицето Л.Ј. (46) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“, предвидено и казниво по чл.357 ст.1 од КЗ на Република Македонија, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.

„Пријавениот во својство на службено лице – вработен во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство како командир на шумска полиција – Битола во периодот од 08.10.2018. година, со намера да се стекне со противправна имотна корист, во повеќе наврати побарал поткуп од лице од Демир Хисар, против кое од  страна на пријавениот во својство на службено лице командир на шумска полиција – Битола е поднесена прекршочна пријава по чл.69 од Закон за шуми. Л.Ј. прво побарал поткуп од осумнаесет метри кубни дрва или 40.000 денари пари за подоцна истиот да продолжи да бара поткуп од 30.000 денари пари, притоа ветувајќи му дека ќе ја отфрли пријавата на судењето закажано за 26.10.2018 година. Пријавителот за таа цел, според барањата на Л.Ј., требало да му исплати 20.000 денари пред судењето и 10.000 денари после судењето, откако ќе биде отфрлена пријавата“, рече Ангеловски.

На 19.10.2018 година, лицето од кое се барал поткупот го пријавило настанот во Одделението за криминалистичка полиција при СВР Битола, за што веднаш е известено ОЈО Битола и преземени се соодветни мерки и активности.   

„На 26.10.2018 година околу 13:50 часот во просториите на Основен суд Битола, Л.Ј. е лишен од слобода веднаш откако примил поткуп од пријавителот. Извршен е личен претрес и кај него се пронајдени 10 банкноти во апоени од 2000 денари, кои претходно од страна на ПС од СВР Битола беа фотографирани и документирани. Од страна на Судија на претходна постапка од Основен суд Битола на Л.Ј. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. Борбата со корупцијата е приоритет број еден за Министерството за внатрешни работи. Законите важат еднакво за сите. МВР продолжува да работи во служба на граѓаните“, потенцира Ангеловски.

 https://www.youtube.com/watch?v=lbddQkA8N-o